Нови шест акции од Алта банка Битола купи мнозинскиот акционер од Србија, Алта банка Белград. Информацијата за промената кај акционери со значителни удели е објавена на Македонска берза.
„Известуваме дека акционерот Алта банка АД Белград се стекна со дополнителни 6 обични акции и сега поседува вкупно 372.043 обични акции односно 95,1573 % од вкупниот број на обични акции издадени од АЛТА банка АД Битола“, пишува во објавата.
Ова е втора купопродажна трансакција месецов. Пред десеттина дена белградската Алта банка купи 9 акции од битолската Алта банка. Претходно, во март, инвеститорската јавност беше известена за за тогаш купените 84 акции. Стартната позиција на Алта банка Белград во акционерската структура беше 93,26 проценти, односно тоа беше состојбата по преземањето во октомври минатата година.
Просечната цена за акција на Алта банка Битола веќе некое време се одржува на 3.777 денари. Последното берзанско тргување е со датум од 21 април, кога биле истргувани шест акции. За нив се платени 22.662 денари. Во изминатите 52 недели, пак, регистрирани се 36 трансакции.
Аналитика








