ПОВЕЌЕ

    Адинг со раст на приходите и добивката – повеќе од третина од продажбата доаѓа од извозот  

    Време зa читање: 2 минути

    Производството и продажбата на хемиски материјали за градежништвото, на Адинг му донесоа повисоки приливи на средства и добивка. Во првата половина од годинава компанијата остварила вкупни приходи од 347,8 милиони денари, што е за 8,3 насто повеќе во споредба со истиот лански период. Заработката пред оданочување достигнала 49,3 милиони денари, со раст од 15 насто.

    Безмалку стопроцентно, приходите во износ од 344,3 милиони денари се резултат на реализираните продажби. Од нив, 63,2 отсто доаѓаат од домашниот пазар, а 36,8 отсто од извоз.

    Најголем извозен пазар за Адинг останува Србија, со учество од 47,4 отсто во вкупниот извоз. Следуваат Бугарија со 21,9 %, Црна Гора со 8,9 %, Босна и Херцеговина со 7,9 %, Украина со 7,6 %, Косово со 4,1 %, додека помали продажби се забележани во Либија од 1,4 отсто и Грција со 0,8 отсто.

    Вториот квартал бил значително посилен од првиот, посочуваат од компанијата која на пазарот е препознатлива како фармацевт во градежништвото. Во периодот од април па заклучно со јуни Адинг остварил приливи од 218,8 милиони денари, наспроти 129 милиони денари во првите три месеци од годината. Добивката во вториот квартал изнесувала 31,7 милиони денари, по добивката од 17,5 милиони денари во првиот квартал.

    Заработката не само што е повисока од ланската, туку и значително го надминала деловниот план. Според извештајот, остварувањето е 114,4 насто над планираното ниво, бидејќи компанијата за првото полугодие предвидела добивка од 23 милиони денари.

    Истовремено, вкупните расходи достигнале 295,3 милиони денари и се за 6,6 насто повисоки во однос на споредбениот минатогодишен период.

    Од останатите показатели, Адинг наведува дека кредитната задолженост е зголемена за 15,1 милион денари, реализирани се капитални инвестиции од 17,2 милиони денари, залихите на готови производи се намалени за 3,2 милиони денари, а е исплатена и дивиденда во износ од 104 илјади денари.

    Компанијата истакнува и дека работела над планираната динамика. Во првиот квартал планот е надминат за 12,7 насто, а во вториот квартал за дури 43,3 насто, што придонело за подобри финансиски резултати во однос на очекувањата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично