Личната карта и возачката дозвола се селат во мобилниот телефон, а граѓаните преку една апликација ќе можат да пристапуваат и до електронските услуги на државата. Денеска официјално е промовирана м.Услуги, националната мобилна апликација што треба постепено да прерасне во дигитален паричник за лични документи и јавни услуги.
Апликацијата е бесплатна и достапна за Android и iOS, а користењето е доброволно. Корисникот се најавува преку eID – Националниот систем за единствена најава, по што може да ги додава поддржаните лични документи, да пристапува до електронски услуги, да ги следи поднесените барања и да ги презема издадените документи.
Во првата фаза се достапни електронските верзии на личната карта и возачката дозвола, а официјалното упатство за м.Услуги предвидува и пристап до електронски потврди, меѓу кои и образецот М1/М2. За додавање личен документ се внесуваат бројот на документот и датумот на неговото издавање.
Една од функционалностите е и безбедно споделување податоци преку QR-код, при што самиот корисник избира кои податоци ќе ги сподели. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски претходно објасни дека QR-кодот е привремен и исчезнува по околу 15 секунди, со цел да се намали можноста за негово копирање и злоупотреба.

Дигиталната трансформација има вредност само кога плановите, стратегиите и инфраструктурата ќе се претворат во нешто што граѓанинот може практично да го користи. На промоцијата, премиерот Христијан Мицкоски порача дека суштината на проектот не е само документите да се префрлат од хартија на екран, туку да се менува начинот на кој функционира администрацијата.
„Ако еден процес има непотребни чекори, неговото префрлање од хартија на екран нема автоматски да го направи добар процес. Ако две институции веќе поседуваат податоци кои законски можат да ги разменат, нема логика граѓанинот да биде тој што физички ќе ги пренесува тие податоци од една во друга институција“, истакна Мицкоски.
Тој посочи и на економската страна на дигитализацијата – времето што граѓаните и компаниите го трошат пред шалтери, за прибирање документи и за постапки кои можат да се завршат електронски:
„Секое непотребно доаѓање во институцијата значи потрошено време. Секој документ кој повторно се бара, иако веќе постои во државен регистар, создава дополнителен трошок. Секоја постапка што трае подолго отколку што е неопходно претставува трошок и за граѓанинот и за државата“.
Според него, м.Услуги треба да стане проект на целата администрација, а не само на Министерството за дигитална трансформација. Институциите треба да утврдат кои услуги можат да ги преселат во апликацијата, кои податоци повеќе нема потреба да ги бараат од граѓаните и кои административни процедури можат да ги поедностават.
„Нема да го мериме успехот само според тоа колку луѓе ја преземале апликацијата. Поважно е колку услуги реално ќе завршат преку неа. Колку време ќе заштедат. Колку постапки ќе станат поедноставни. И колку непотребни административни чекори ќе успееме да отстраниме“, нагласи Мицкоски.
Аналитика








