
Град Скопје ги намалил своите обврски за повеќе од една милијарда денари, а шесте јавни претпријатија за дополнителни 2,6 милијарди денари. Наследен долг од речиси 300 милиони евра, финансиска консолидација, 100 нови автобуси, изградба на мостови, проширување булевари и нови паркови – ова се главните резултати и најави што градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги претстави во отчетот за првата година од својот мандат.
На денешната прес-конференција, Ѓорѓиевски посочи дека финансиското стабилизирање на градската каса и јавните претпријатија било меѓу првите приоритети по преземањето на функцијата. Според него, за само неколку месеци е постигната целосна консолидација на финансиската состојба, и покрај наследените обврски.
„Со посветена и одговорна работа, за само неколку месеци од почетокот на мандатот, успеавме целосно да ја консолидираме финансиската состојба на Градот Скопје, и покрај наследениот долг од речиси 300 милиони евра и девастирани јавни претпријатија“, изјави Ѓорѓиевски.
Според податоците што ги презентираше, тековните обврски на Град Скопје се намалени за 322,1 милион денари, а дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити, неисплатени експропријации, изгубени судски постапки со камати и судски трошоци, неисплатени субвенции и преземени програмски активности.
Тоа претставува вкупно намалување од 1,065 милијарди денари по наведените основи.
„Водовод и канализација“ со најголемо намалување на обврските
Значителни промени, според градоначалникот, се направени и во финансиското работење на јавните претпријатија. Најголемо намалување на обврските пријавил ЈП „Водовод и канализација“ – за 1,66 милијарди денари, додека кај ЈСП „Скопје“ тие се намалени за 634 милиони денари.
Презентираните намалувања на обврските кај шесте претпријатија вкупно изнесуваат 2,615 милијарди денари.

Извор: Податоци презентирани од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, 27.10.2026 година.
Намалување на финансиските обврски е пријавено и кај повеќе културни и други градски установи. Музејот на Град Скопје и Културниот дом „Кочо Рацин“, според отчетот, се целосно раздолжени, а Младинскиот културен центар ги намалил обврските за 7,6 милиони денари.
Зоолошката градина ги намалила обврските за околу пет милиони денари, а Градската библиотека за 2,5 милиони денари.
Ѓорѓиевски посочи дека паралелно со намалувањето на старите долгови продолжува реализацијата на капиталните инвестиции, при што првото и второто тримесечје ги оцени како најуспешни во историјата на Град Скопје според реализацијата на капиталните проекти.
Булеварот „Борис Трајковски“, Момин Поток и новите мостови меѓу приоритетите
Меѓу проектите што треба да бидат завршени до крајот на 2026 година, Ѓорѓиевски го издвои проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, на делницата од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево.
Според неговата најава, проектот е во завршна фаза, а проширениот булевар треба да овозможи подобри сообраќајни услови за околу 100.000 граѓани.
При крај е и изградбата на клучката кај Момин Поток, додека во Карпош се работи на новиот мост преку Вардар, кој треба да ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“. И за овој мост најавениот рок е крајот на годинава.
Активности се преземаат и за оспособување на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, преку расчистување на трасата на булеварот АСНОМ во Ќерамидница.
Посебен инфраструктурен зафат е булеварот „Македонија“, односно првата подземна сообраќајница во Скопје. Според градоначалникот, пристапните улици се проширени и приспособени, а работите на преостанатите фази продолжуваат. Неговото очекување е сообраќајницата да биде завршена до крајот на мандатот.
Во подготовка се и дополнителни проекти: нов мост и улица за поврзување на Ѓорче Петров со Сарај, мост преку Вардар меѓу Ново Лисиче и Маџари, како и изградба на булеварот „Хасан Приштина“.
Кај Клиничкиот центар, пак, привршува постапката за јавна набавка за проектирање и изведба на две монтажни катни гаражи, со вкупно повеќе од 500 паркинг-места.
Сто нови автобуси, изменет БРТ и заштеда на гориво во ЈСП
Јавниот превоз е уште една област за која Ѓорѓиевски најави промени. Тој информираше дека Министерството за транспорт ја завршило набавката на 100 нови еколошки автобуси, по што треба да следува нивната испорака и вклучување во градскиот превоз.
За проектот за брз автобуски превоз – БРТ, градоначалникот рече дека се отстранети пречките за реализација и дека е изменето првичното решение. Според новиот концепт што го претстави, автобусите треба да се движат по крајните сообраќајни ленти, без сечење на постојното зеленило, а предвидено е и дополнително засадување дрвја и друга вегетација.
Во делот на финансиското работење на ЈСП, Ѓорѓиевски истакна дека претпријатието во првите шест месеци од годинава остварило заштеда од половина милион евра за гориво. Во истиот период, според него, во сообраќај биле вклучени дополнителни 50 поправени возила.
Тој го издвои и градскиот воз на релацијата Зелениково – Скопје, за кој посочи дека сообраќа од 1 септември.
Од „Вардариште“ до нови паркови и пречистителна станица
Во комуналната инфраструктура, градоначалникот најави дека е започната испораката на вкупно 3.300 нови контејнери. Според неговите тврдења, набавката е реализирана по речиси двојно пониска цена во споредба со претходните набавки.
Воедно, набавени се и дополнителни специјализирани комунални возила за одржување на јавната хигиена.
За депонијата „Вардариште“, Ѓорѓиевски најави дека се работи на нејзиното затворање и отстранување на површинскиот слој од депонираниот отпад. На просторот е предвиден мега парк од околу 600.000 квадратни метри.
Според отчетот, во градот се уредуваат и нови 200.000 квадратни метри зеленило, преку паркови и зелени коридори во Бутел, Сарај, Ново Лисиче, Карпош и други населби. Најавена е и есенска акција за засадување повеќе од 6.000 садници.
Меѓу поголемите еколошки инвестиции е пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, за која градоначалникот информираше дека е реализирана 40 проценти од изградбата. Проектот опфаќа околу 60 објекти и е наменет за подобрување на третманот на отпадните води и заштитата на Вардар.
Нови услуги, училишна опрема и подготовките за 2028 година
Во образованието, градоначалникот ги издвои инвестициите во нови кабинети, лаборатории, наставна опрема, спортски терени и интерактивна технологија во средните училишта под градска надлежност.
Планирано е две училишта да добијат топлотни пумпи за греење, а четири да бидат опремени со фотоволтаични системи, со цел намалување на трошоците за енергија.
Во социјалната заштита, според отчетот, се отворени центар за помош на жртви на семејно насилство, дневен центар за лица со попреченост, како и центри за поддршка на лица со дијабетес и церебрална парализа. Градот обезбедил и парична помош за повеќе од 1.500 онколошки пациенти.
Ѓорѓиевски се осврна и на дигитализацијата на градските услуги, вклучително електронска достава на даночни решенија преку DanociEPay, географски информациски портали и платформата „Еко Скопје“, преку која граѓаните можат да пријавуваат еколошки проблеми.
Во културата, меѓу приоритетите се подготовките за Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година, изградбата на Универзалната сала, уредувањето на Скопското Кале и планираното обновување на киното „Милениум“, за кое градоначалникот изрази очекување дека повторно ќе биде во функција во 2027 година.
На крајот од отчетот, Ѓорѓиевски порача дека ќе продолжи со започнатите инвестиции и реализацијата на програмата за која ја добил довербата на граѓаните.
„Нема да ви кажам дека секој чекор ќе биде лесен. Ќе има потешкотии. Ќе има денови што ќе ја стават на испит целата наша истрајност. Но нашата решителност ќе биде поголема од секоја потенцијална пречка. Ќе го довршиме започнатото. Ќе го исполниме ветеното“, истакна Ѓорѓиевски.
Аналитика








