Додека во Собранието сѐ уште се дебатира за предложениот втор буџетски ребаланс, државата бара средства од домашните кредитори. Во моментот се потребни близу 60 милиони евра, кои ќе се обезбедат преку издавање на хартии од вредност.
Македонска берза информира дека по барање на Министерството за финансии, на котација се примени две нови државни обврзници. Едната со рок на раздолжување од две, а другата од 15 години, а и двете се без девизна клаузула. Од денес се достапни за потенцијалните инвеститори.
Камата од 4,60 насто носат 214.579 државни обврзници, од емисијата вредна 2.145.790.000 денари или 34,89 милиони евра. Нивниот датум на достасување е 22 октомври 2028 година. Имаат шифра на тргување M221028.
Вредноста на втората емисија е 1.523.100.000 денари, односно 24,76 милиони евра. Содржи 152.310 обврзници со каматна стапка од 5,20 насто. И тие за наплата ќе стигнат на 22 октомври, но во 2041 година. Можат да се најдат под шифрата M221041.
(Фото: Friedrich Haag / Wikimedia Commons / CC BY-SA 4.0)
Аналитика








