ПОВЕЌЕ

    Шпаркасе со понуда за 100 % од акциите на УНИ Банка: На повидок банкарска сила од 2,8 милијарди евра

    Време зa читање: 4 минути

    Големо прекројување се најавува на македонскиот банкарски пазар. Австриската Steiermärkische Bank und Sparkassen AG, групацијата што стои зад Шпаркасе Банка АД Скопје, официјално ја објави намерата да ја преземе УНИ Банка АД Скопје, и тоа преку понуда за сите обични акции, односно за 100 проценти од акционерскиот капитал и гласачките права.

    Доколку трансакцијата ги добие сите неопходни регулаторни одобренија и биде реализирана, Шпаркасе значително ќе ја зголеми својата тежина на домашниот пазар. Според проценката на самата групација, по преземањето таа би располагала со околу 2,8 милијарди евра актива во Македонија и пазарен удел од приближно 17 проценти.

    Тоа е голем исчекор во однос на сегашната позиција на Шпаркасе и трансакција што може да го промени балансот во самиот врв на македонскиот банкарски систем.

    Управниот одбор на УНИ Банка преку Македонска берза извести дека денес го примил известувањето од Steiermärkische Bank und Sparkassen AG за намерата за преземање.

    Најавената цена е 126,3766353 евра за една акција, во денарска противвредност, а понудата треба да се однесува на сите обични акции со право на глас издадени од УНИ Банка.

    Сепак, објавувањето на намерата е само првата фаза од процесот. До фактичко преземање има уште неколку важни регулаторни чекори.

    Пред да биде доставено барањето до Комисијата за хартии од вредност за одобрување на понудата и проспектот, потребно е да бидат обезбедени и странски одобренија. Меѓу нив се согласности за концентрацијата од надлежните тела за заштита на конкуренцијата во Црна Гора и Србија, како и одлука за одобрување од Европската централна банка.

    Ако некое од потребните странски одобренија биде одбиено или не биде издадено во предвидениот период, процесот нема да продолжи. Согласно законската постапка, доколку потребните согласности не бидат обезбедени, намерата за преземање се смета за повлечена.

    Како би изгледал новиот распоред меѓу банките?

    „Штаермеркише Шпаркасе е застапена во Северна Македонија од 2008, со сегашна вкупна актива од скоро две милијарди евра во земјата. По преземањето на Уни Банка, Штаермеркише Шпаркасе ќе располага со вкупна актива од околу 2,8 милијарди евра во Македонија и пазарен удел од приближно 17 %“, наведено е во соопштението на Шпаркасе банка.

    Оттаму, бројки покажуваат дека најавената трансакција, доколку се реализира, значително ќе ги помести силите на македонската банкарска сцена. Или, ако се земе предвид проекцијата од 2,8 милијарди евра, нема да биде засегната само позицијата на Комерцијална, како најголема банка во Македонија, чија што актива на крајот од 2025 година била во износ од 3,13 милијарди евра.

    Понатаму, според финансиските извештаи за 2025 година, распоредот на банките по големина е: Стопанска банка со 2,56 милијарди евра, НЛБ Банка со 2,5 милијарди евра, Халк банка со близу 2,1 милијарда евра и Шпаркасе банка со 1,92 милијарди евра.

    Од податоците, пак, на УНИ банка, произлегува дека на крајот од минатата година имала актива од 508,1 милиони евра. Едноставното собирање на нивните биланси дава вкупна актива од 2,43 милијарди евра.

    Сепак, споменатите 2,8 милијарди евра не треба директно да се споредуваат со простото собирање на билансите од 31 декември 2025 година, бидејќи станува збор за проекција на групацијата за состојбата по трансакцијата, односно за различен временски пресек. Но, како и да е, со преземањето Шпаркасе значително ќе ја подобри својата позиција.

    Штаермеркише Шпаркасе е присутна на македонскиот пазар од 2008 година, а најавеното преземање на УНИ Банка претставува нов голем чекор во нејзиното ширење.

    Претседателот на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе и претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, Георг Бухер, по објавувањето на намерата порача дека групацијата гледа долгорочен потенцијал на македонскиот пазар.

    „Како една од водечките банкарски групации во Европа, имаме силна доверба во македонскиот банкарски сектор и неговиот долгорочен потенцијал за раст. Оваа објава ја потврдува нашата континуирана посветеност на пазарот и нашата стратегија за одржлив раст. Со овој чекор имаме цел дополнително да го зајакнеме нашето присуство во Северна Македонија и да ја унапредиме нашата улога како доверлив, стабилен и долгорочен партнер на граѓаните, деловната заедница и економијата во целина“, изјави Бухер.

    Сега следуваат регулаторните постапки и добивањето на неопходните согласности. Дури потоа ќе може да биде поднесена формалната понуда за преземање на УНИ Банка.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично