ПОВЕЌЕ

    Нови предлози за старите државни станови: До крајот на 2027 – откуп или закуп, а потоа и иселување

    Време зa читање: 5 минути

    Со години, а во дел од случаите и со децении, семејства живеат во станови кои формално се во сопственост на државата, врз основа на стари решенија и договори за времено користење. Сега за нив се предлагаат законски измени кои отвораат нов рок во кој ќе можат конечно да го уредат станбениот статус – преку откуп, закуп или пренос на правото на користење.

    Со предложените измени на Законот за домување доставени до Собранието и треба да се усвојат во скратена постапка, рокот се продолжува до 31 декември 2027 година, откако дел од корисниците не ја искористиле претходната можност што важела до крајот на 2024 година.

    Предлогот е особено значаен за лицата кои имаат акт или договор за времено користење на стан издаден пред 16 мај 1998 година и кои непрекинато живеат во таков стан. Станува збор за станови што во минатото биле доделувани по различни основи – по експропријација на недвижен имот, уривање станбен објект или затоа што претходниот дом бил руиниран, небезбеден или склон кон уривање.

    Иако за дел од овие станови првичната намена била времено сместување, корисниците останале во нив многу години, додека правата на располагање со недвижностите продолжиле да ги има Република Северна Македонија.

    Со законските измени се настојува токму овие долгогодишни односи да добијат конечна правна разврска. Можноста не се однесува само на првичниот носител на правото на користење. Барање ќе може да поднесе и член на семејното домаќинство кој продолжил да живее во станот по смртта на носителот на правото, како и членовите на семејството кои непрекинато го користат станот.

    Опфатени се и становите во поранешна општествена сопственост за кои корисниците во претходните рокови не го оствариле правото на откуп, пренос на правото на користење или закуп.

    Клучниот датум за сите нив е 31 декември 2027 година, а дотогаш корисниците треба да преземат чекор и да побараат соодветно решавање на статусот на станот. Сепак, предлогот предвидува и што ќе се случува со становите за кои ниту по истекот на новиот рок нема да биде поднесено барање.

    Доколку некој користи стан евидентиран во единствената евиденција на станбениот простор, а до крајот на 2027 година не побара закуп или откуп, надлежното правно лице треба писмено да го извести дека има дополнителен рок до 31 март 2028 година да го стори тоа. Но, ако и тој дополнителен рок мине без поднесено барање, предвидена е можност за присилно иселување.

    Условите зависат и од материјалната состојба на домаќинството. Корисниците се распределуваат во повеќе категории според вкупните приходи на членовите кои живеат во заедничкото домаќинство. Посебна категорија се лицата во социјален ризик, односно корисниците на социјална или постојана парична помош. За нив е предвидена можност за закуп, а додека го користат тоа социјално право нема да плаќаат закупнина.

    Следуваат домаќинствата со ниски приходи, со вкупни примања до една и пол просечна нето-плата, потоа оние со просечни приходи – од една и пол до две и пол просечни плати, како и домаќинствата со високи приходи, чии заеднички примања се над две и пол просечни нето-плати.

    За корисниците кои плаќаат закуп, висината на закупнината ќе зависи од приходите и ќе се движи од 25 до 190 денари за квадратен метар.

    Трите категории надвор од групата на лица во социјален ризик ќе имаат можност да изберат и откуп на станот.

    И тука финансиските услови се поврзани со приходите. Минималното сопствено учество при откупот ќе се движи од 5 до 30 проценти од утврдената вредност на станот, зависно од категоријата во која припаѓа домаќинството.

    Предвиден е рок на отплата до 30 години, со фиксна каматна стапка од 4 проценти годишно.

    Вредноста по која ќе се откупува станот нема произволно да ја определува корисникот или надлежното претпријатие, туку ќе се пресметува согласно важечката методологија за утврдување на вредноста на станот.

    Можноста за купување не се затвора ниту за оние кои прво ќе изберат закуп. Корисник кој ќе склучи договор за закуп, а ги исполнува условите за откуп, ќе може подоцна да поднесе барање и да стане сопственик на станот.

    Од друга страна, старите обврски нема да исчезнат со склучувањето нов договор. Корисник кој има неплатена закупнина ќе треба претходно да го намири долгот за да може да го регулира статусот преку нов закуп или откуп.

    Откако ќе биде признаено правото на закуп, договорот ќе треба да се склучи во рок од 15 дена. Непотпишувањето во предвидениот рок може да значи губење на можноста за понатамошно користење на станот.

    Парите што државата ќе ги прибира од продажбата на овој станбен фонд, според предложеното решение, треба да се уплаќаат на посебна наменска сметка на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Средствата од таа сметка ќе бидат наменети за изградба на нови станови во државна сопственост.

    Образложението на Предлог-законот посочува дека причината за новото продолжување е фактот што значителен дел од носителите на правото на користење не ја искористиле претходната можност до 31 декември 2024 година.

    Предлогот треба да се разгледува по скратена постапка, со образложение дека не станува збор за обемен и сложен закон. Според проценката содржана во документот, неговото спроведување нема да создаде дополнителни финансиски последици за Буџетот ниту потреба од дополнителни јавни средства.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично