ПОВЕЌЕ

    Капушевски, Јахоски и мазутот одново актуелни: Вишото обвинителство најде слабости во вештачењата

    Време зa читање: 3 минути

    Истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, која во мај беше запрена по едногодишно постапување, повторно продолжува. Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД ЕСМ и го задолжи ОЈО ГОКК да ја продолжи постапката против 13 физички и едно правно лице.

    Предметот повторно се враќа во активна фаза откако Вишото обвинителство констатирало слабости во вештачењата врз кои било засновано решението за запирање на истрагата. На обвинителот му се дадени и дополнителни насоки – да се приберат нови податоци од повеќе институции и да се направат нови вештачења.

    Од Вишото обвинителство бараат да се утврди што точно презел секој од осомничените и дали некој директно или со помагање придонел ЕСМ, преку користење на законските исклучоци за јавни набавки во услови на енергетска криза, да овозможи имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговата компанија.

    Посебно треба да се испита и начинот на кој биле користени средствата што ЕСМ ги добивал наменски од државниот буџет, како и примената на член 23 од Законот за јавни набавки, на кој се повикувале набавките.

    Случајот привлече големо внимание уште во мај, кога ОЈО ГОКК ја запре истрагата. Тогаш обвинителството соопшти дека по околу една година истрага не биле обезбедени докази дека осомничените ги сториле делата за кои се гонат, ниту дека постои друго кривично дело што се гони по службена должност.

    Станува збор за истрагата за набавките на мазут во периодот на енергетската криза, во која беа опфатени, меѓу другите, Ратко Капушевски, сопственик на РКМ, Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко петрол, и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

    Предмет на истрагата беа договорите и анексите за набавка на мазут, а првичните сомневања се однесуваа на злоупотреба на постапката за јавен повик и перење пари. ОЈО ГОКК во мај соопшти дека набавките биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и согласно законските исклучоци, дека биле контактирани сите оператори со лиценца за трговија со мазут и дека не била утврдена штета за ЕСМ или за државниот буџет.

    ЕСМ, како оштетено правно лице, поднесе приговор на одлуката за запирање на истрагата. Сега Вишото јавно обвинителство го уважи тој приговор и оцени дека има основ за продолжување на проверките.

    Со новото решение, случајот добива нова истражна фаза. ОЈО ГОКК сега треба да ги дополни доказите, да ги провери спорните наоди од претходните вештачења и повторно да утврди дали постои кривична одговорност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично