Компанијата што ќе го реализира проектот повеќе од една деценија е активна во градежниот сектор, а лани остварила приходи од 28,5 милиони евра
Гасоводот што треба да ја поврзе Македонија со Србија ќе го гради кумановската Рапид Билд, која на тендер ја доби работата вредна 29,4 милиони евра. Проектот треба да биде завршен до четвртиот квартал од 2028 година, а со него Македонија ќе добие уште една важна врска на регионалната гасоводна мрежа.
Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија-Србија го потпишаа директорот на Номагас, Недим Рама, и директорот на Рапид Билд, Тони Каранфиловски. На потпишувањето присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Работата е договорена по принципот „клуч на рака“, според моделот FIDIC. Рапид Билд ќе биде одговорна за целиот процес, од урбанистичкото планирање и проектирањето, преку изградбата, до обезбедувањето одобрение за употреба.
Македонскиот дел од интерконекторот ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Трасата ќе започнува кај блок-станицата „Клечовце“, а ќе завршува на границата со Србија, во близина на селото Сопот.
Освен самата цевка, проектот предвидува изградба на уште пет придружни објекти – главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици.
Гасоводот ќе има технички капацитет до 160.000 кубни метри гас на час, а предвидена е и можност за двонасочен проток.
Новата врска не е само домашен инфраструктурен проект. Таа е дел од пошироката амбиција Македонија да се позиционира како транзитна точка за природен гас од југ кон Србија и понатаму кон Централна Европа.
Веќе се гради и интерконекторот со Грција, преку кој домашниот систем треба да добие пристап до гасот од регионот, вклучително и до ЛНГ-терминалот во Александруполис. Со врската кон Србија, пак, се отвора можност гасот да продолжи кон север, кон пазарите во Централна Европа.
За изведувачот проектот ова е еден од поголемите инфраструктурни ангажмани, а нејзините деловни резултати покажуваат дека станува збор за компанија со значаен обем на работа.
Според податоците од Бизнис Мрежа, Рапид Билд од Куманово во лани остварила приходи од 28,5 милиони евра. Во однос на 2024 година, приливите се зголемени за 21,13 насто.
Поголемите приходи не се претвориле и во повисок профит. Компанијата ја завршила минатата година со нето-добивка од 1,8 милиони евра, за 40,75 отсто помалку од финансискиот резултат за 2024 година.
Во тој период Рапид Билд го зголемил обемот на работната сила за 15,1 насто. Од 298 во 2024 година на 343 вработени.
Компанијата е основана во 2012 година. Во сопственост е на кумановскиот бизнисмен Каранфиловски, кој е поврзан и со други фирми. Две се ко-сопственици на Рабид Билд: Детоил за трговија на мало со моторни горива и масла и Квалитет-Пром за трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарии.
Аналитика








