ПОВЕЌЕ

    Ако РБИ ја преземе Адико – Алта Груп на Давор Мацура ќе управува со банки во четири земји

    Време зa читање: 3 минути

    Денес во 17 часот истекува рокот за прифаќање на понудите за преземање на Addiko Bank AG, по што се очекува да биде познат конечниот исход од банкарската битка меѓу Raiffeisen Bank International (RBI) и Нова Љубљанска банка (НЛБ). Додека се чека разврската, босанските медиуми веќе пишуваат за следната фаза од трансакцијата – доколку РБИ го преземе Адико, српската Алта Груп на Давор Мацура треба да го преземе работењето на банките на групацијата во Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. А, РБИ планира да ги задржи операциите на Адико во Австрија, Хрватска и Словенија.

    Мацура веќе е присутен и на македонскиот банкарски пазар откако ја презеде Стопанска банка Битола, која денес работи како Алта банка Битола, а групацијата паралелно се проширува и во осигурителниот сектор. Доколку се реализира планираната трансакција, Алта Груп ќе стане еден од позначајните банкарски играчи во Југоисточна Европа.

    Според податоците за крајот на 2025 година, двете Адико банки во БиХ заедно располагаат со: актива од 2,4 милијарди КМ; кредити од 1,4 милијарди КМ; депозити од 1,9 милијарди КМ; нето-добивка од 48,6 милиони КМ; 697 вработени.

    Од нив, Адико Банка Сараево има актива од 1,27 милијарди КМ, кредити од 655,5 милиони КМ, депозити од 1,04 милијарди КМ и нето-добивка од 21,7 милиони КМ, а работата ја вршат 342 вработени.

    Адико Банка Бања Лука, пак, има актива од 1,13 милијарди КМ, кредити од 778,2 милиони КМ, депозити од 859,2 милиони КМ, нето-добивка од 26,9 милиони КМ и 355 вработени.

    Доколку трансакцијата биде финализирана, Мацура ќе стане сопственик на банкарски систем во Босна и Херцеговина со актива поголема од 2,4 милијарди КМ и годишна добивка од речиси 50 милиони КМ.

    Со тоа, неговата групација дополнително ќе ја зацврсти позицијата во регионот. Покрај Алта банка во Србија, работењето во Македонија преку Алта банка Битола, како и активностите во осигурителниот сектор, Алта Груп треба да го преземе и работењето на Адико во Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, со што ќе се вброи меѓу позначајните банкарски групации во Југоисточна Европа.

    Според претходните информации,РБИ веќе обезбеди доволен број прифатени понуди за успешно преземање на Addiko Bank AG, со што се отвори патот за реализација на планираното реструктурирање на групацијата.

    (Фото: Алта банка Белград / Linkedin)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично