ПОВЕЌЕ

    Тетекс ја зголеми добивката за 80 насто – најмногу приходи носат недвижностите

    Време зa читање: 2 минути

    Тетекс АД во првото полугодие од 2026 година оствари добивка од 29,9 милиони денари. За 80 насто повеќе во однос на истиот период лани. Позитивниот финансиски резултат е постигнат главно од продажбата на недвижен имот и пренос на право на располагање со градежно земјиште, наведуваат од компанијата.

    Во неревидираниот полугодишен извештај објавен на Македонската берза, Тетекс соопштува дека приходите од продажба на готови производи и услуги изнесуваат 29,3 милиони денари. Тие се остварени од редовното работење и вклучуваат приходи од кирии, услуги од царински терминал, како и продажба на материјали, готови производи и стоки.

    Најголем придонес во приходите имаат останатите оперативни приходи, кои достигнале 85 милиони денари, а произлегуваат токму од активностите поврзани со недвижностите.

    Компанијата остварила и финансиски приходи од 14,7 милиони денари. Од нив, 2,1 милион денари се приходи од камати на орочени депозити во банки, додека 8,3 милиони денари се удел во добивката на ТТК Банка, во која Тетекс е основач и најголем акционер.

    Од друга страна, вкупните расходи достигнале 94,4 милиони денари, што е значително повеќе од 54,5 милиони денари во истиот период минатата година. Од друштвото објаснуваат дека растот на расходите главно се должи на трошоците за материјални вложувања, како и на расходите поврзани со преносот на правото на користење градежно земјиште.

    Исто така, од Тетекс наведуваат и дека залихите на готови производи се намалени за 4,9 милиони денари, како резултат на продажба и вредносно усогласување, додека краткорочните кредитни обврски на крајот на јуни изнесувале 46,6 милиони денари.

    Резултатите ја потврдуваат трансформацијата на некогашниот текстилен гигант. По прекинот на производството во 2020 година, Тетекс се насочи кон порентабилни дејности, меѓу кои управување со недвижности и градежни проекти. Лани компанијата доби одобрение за изградба на станбено-деловен комплекс во Тетово, на површина од 28.884 квадратни метри, каде што се јавува како еден од инвеститорите.

    Од менаџментот оценуваат дека резултатите од првото полугодие ги надминуваат очекувањата и се во согласност со плановите за годинава. Во наредниот период фокусот ќе остане на поефикасно управување со недвижниот и движниот имот, како и со залихите, со цел да се обезбедат нови приходи и да се задржи позитивниот тренд во работењето.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично