ПОВЕЌЕ

    БРАН НА ГАСНЕЊЕ ФИРМИ ВО ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ: Над 1.800 компании ставија клуч

    Време зa читање: 3 минути

    Во првите шест месеци од годинава, клуч на вратата ставиле 1.819 компании, или секој месец во просек деловната битка ја губеле 300 фирми, покажува анализата на Пари направена со податоци од базата на Бизнис Мрежа. Во текот на минатата година се затвориле 4.446 фирми, па ако се задржи трендот на затворање од првото полугодие годинава, може да се очекува дека годинава фирмите покaжале поголема жилавост во опстојувањето од лани.

    Податоците покажуваат и дека Скопје е епицентарот на згаснувањата, со 484 компании, што претставува повеќе од 26 насто од вкупниот број на згаснати фирми во државата. Од вкупно 1.819 згаснати компании, дури 1.683 се микрокомпании (над 92 насто), што е јасен сигнал дека најмалите субјекти се најранливи на тековните економски услови. Речиси една третина од сите згаснати фирми (491) доаѓаат од секторот трговија и поправка на возила.

    СЕКОЈА ЧЕТВРТА ЗАТВОРЕНА ФИРМА Е ВО СКОПЈЕ

    Економската активност главно се одвива во Скопје, па вообичаено е таму да има и најмногу отворања и затворања фирми. По Скопје, каде што се затвориле 484 фирми, следува Тетово, каде што 119 компании престанале да работат, па потоа е Битола со 114 затворени фирми. На четвртото место по затворање фирми е Куманово, каде што засекогаш се затвориле вратите на 106 фирми, а веднаш зад него на неславното петто место по затворање компании е Прилеп, со 101 згасната фирма.

    Анализата на податоците покажува дека во овие пет града згаснале над половина од сите згаснати компании во државава.

    Извор: Бизнис Мрежа

    СЕКОЈА ЧЕТВРТА ЗАТВОРЕНА ФИРМА Е ВО ТРГОВИЈАТА

    Ако, пак, се анализира во кои дејности има најмногу затворање фирми, се доаѓа до податокот дека секоја четврта фирма, или прецизно дури 27 насто од затворените фирми биле во секторот трговија. За шест месеци во оваа дејност се затвориле точно 491 трговска фирма.

    Потоа е преработувачката индустрија со 240 затворени фирми, а на трето и четврто место се специјализирани фирми за стручни, научни, технички дејности, како и за уметност, спорт и рекреација. Не им одело најдобро и на 153 фирми што се занимавале со хотелиерство и угостителство.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Овие пет дејности опфаќаат 65,6 насто од сите затворени фирми во првото полугодие од годинава.

    Редакција Пари 

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично