Винарска визба Попова Кула од Демир Капија првата половина од годинава ја заврши со позитивен финансиски резултат во износ од 1,03 милиони денари. Споредено со тој период од минатата 2025 година, добивката е намалена за 40,1 отсто.
Од почетокот на јануари па сè до крајот на јуни винаријата има остварено вкупни оперативни приходи од 14,8 милиони денари. Во овој сегмент е забележан раст од 4,9 насто, или како што се наведува во финансискиот извештај – за 697 илјади денари.
Зголемени се и оперативните расходи, за 1,4 милиони денари, односно за 12,2 насто. Оваа годишна промена во најголем дел се должи на зголемените трошоци за суровини, посочуваат од Попова Кула.
Исто така, од винарската визба информираат дека во тек е изградбата на сопствен систем за наводнување на лозовите насади. Оваа инвестиција треба да го намали ризикот од суша на насадите и да го реши големиот проблем со кој компанијата досега се соочувала. Реализацијата на проектот, според плановите, ќе се заокружи во текот на годинава.
Сите активности се одвиваат во неповолна деловна клима. Компанијата како најголеми предизвици ги наведува растот на трошоците, недостигот на работници и слабеењето на светската побарувачка за вино.
„Пазарот за репроматеријали е нестабилен и со сили во насока на зголемување на цените… Посебно нѐ погодува високата цена на електричната енергија… Друг многу сериозен проблeм со кој се соочуваме е недостатокот на квалификувана работна сила… и во секторот лозарство и во секторот туризам… Владата овозможи да излеземе на меѓународниот пазар на труд, но процедурата за добивање визи и работни дозволи е исклучително комплексна, недоволно јасна и долготрајна, што не дава сигурност дека можеме навремено да регрутираме квалитетен кадар за да можеме да функционираме нормално“, укажуваат од Попова Кула.
Аналитика








