Велешкиот производител на предива и конци Ветекс во првото полугодие остварил добивка од 9,98 милиони денари. И заработката и приходите се пониски од остварувањата во ланскиот шестмесечен период.
Според образложението објавено на Македонска берза, компанијата реализирала вкупни приходи од 204 милиони денари. Тоа е за 3,3 отсто помалку на годишно ниво. Приливите главно се остварени од продажба на конец за плетење на домашниот и на странските пазари, а дополнително се евидентирани приходи од осигурување, камати и донации.
Продажбата на домашниот терен е повеќе од двојно зголемена и достигнала речиси четири милиони денари, што претставува раст од 125,8 насто. Истовремено, приходите од извоз се намалиле за 4,5 отсто и изнесуваат 198,2 милиони денари.
Во истиот период направени се трошоци од 192,4 милиони денари, кои се намалени за 3,44 отсто. Најголем дел се за набавка на суровини и материјали потребни за производство, потоа за електрична енергија, мазут, како и за плати и надоместоци за вработените.
Од компанијата посочуваат дека во текот на првото полугодие немало нови кредитни задолжувања, а редовно биле сервисирани достасаните обврски кон банките, при што биле отплатени 10,2 милиони денари.
И покрај предизвиците, менаџментот оценува дека резултатите се солидни:
„Во услови на голема економска и политичка криза во Европа, претпријатието успеа да оствари добри финансиски резултати“.
До крајот на годината производството ќе се приспособува на побарувачката и на техничките можности на фабриката, а компанијата најавува продолжување на инвестициите во модернизација на опремата.
Аналитика








