
Хотелот „Бристол“, еден од најстарите и најпрепознатливите хотели во Скопје, доби нов сопственик – ГМ Проперти ДОО Скопје, компанија од микро формат основана пред помалку од две години. Сумата по која е реализирана купопродажбата засега не е позната.
Продажбата е епилог на одлуката што акционерите на Македонијатурист ја донесоа во мај годинава, кога дадоа согласност да се отуѓат хотелите „Бристол“ и „Јадран“ (Арапска куќа), како и друг недвижен имот во центарот на Скопје. Во одлуката беше наведено дека имотот не смее да биде продаден под проценетата вредност утврдена од овластен проценител.
Новиот сопственик, ГМ Проперти ДОО Скопје е основан на 18 октомври 2024 година. Според достапните податоци на Бизнис Мрежа, фирмата е регистрирана за „останати лични услужни дејности, неспомнати на друго место“. Сопственик е Емил Кратовалиев, управител Костадин Саздовски.
Во првите месеци по основањето, а и потоа во текот на целата 2025 година, фирмата не остварила приходи. Имала само расходи, кои се прикажани како загуба. На крајот од 2024 година има минус од 2.409.675 денари (39,2 илјади евра), кој лани се продлабочил и стигнал до 12.271.015 денари (199,5 илјади евра).
Финансиските извештаи покажуваат и обврски од пет милиони евра.
Од нотарските огласи објавени во „Службен весник“ произлегува дека во ноември и декември 2024 година ГМ Проперти склучила договори со Стопанска банка АД Скопје за мултивалутна кредитна рамка во износ од 305 милиони денари. Како обезбедување на кредитот е воспоставена хипотека врз објект во изградба во центарот на Скопје, при што Емил Кратовалиев е наведен како гарант и солидарен должник, а компанијата М. Г. Фешн како заложен должник.
Токму со М.Г. Фешн Зоран Антиќ влезе како еден од поголемите акционери во Македонијатурист. Промена направи лани во септември преку нетрговски трансфер. Сите 52.811 акции, односно 11,68 отсто од акционерскиот капитал, М.Г. Фешн му ги подари на МГФ Инвестмент. И двете фирми се на бизнисменот Антиќ. Вторава била формирана на 20 август лани, а на крајот од 2025 година имаше удел од 15,53 отсто во структурата на Македонијатурист.
„Бристол“ е еден од ретките хотели во Скопје што успеал да преживее и војна и земјотрес. Инвестицијата била на браќата Атанас (Ташко) и Ристо Караџа Браќата Караџа, познати трговци со потекло од Грција, а за проектот бил задолжен прославениот архитект Артемушкин. Изградбата почнала во 1923 година, а хотелот бил отворен на 24 април 1924 година.
Лоциран во близина на старата Железничка станица, „Бристол“ со децении бил едно од главните собиралишта на трговци, дипломати, патници, јавни личности и на скопските боеми. Тука престојувале и познати личности, како британската писателка Ребека Вест, а пред вратите на „Бристол“ се случи и атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.
Не е познато какви се плановите на новиот сопственик. Станува збор за еден од највредните објекти во старото градско јадро на Скопје. Според податоците од Управата за заштита на културното наследство, за „Бристол“ во Деталниот урбанистички план е утврден режим на заштита од прв степен. Тоа подразбира зачувување на постојната состојба на објектот. Не се дозволуваат промени на фасадата, волуменот и габаритот без претходно конзерваторско одобрение, а над сите работи стручен надзор врши НУ Конзерваторски центар – Скопје.
М.А
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








