ПОВЕЌЕ

    Баничките се продаваат како алва: „Милениум“ – мала пекара со добра заработка

    Време зa читање: 3 минути

    Просторот се нарекува „кај млечен“, а пекарата пред која се редат редици уште од рано наутро до доцна навечер, е „Милениум“. Тоа не е обично место за брзински оброк. Важи за локален бренд особено препознатлив по баничките и соленките – „стапчиња“.

    Зад топлите и тазе солени и слатки печива има нешто што не е видливо, а е важно за анализата на порталот Пари – бизнисот заснован на умешност и растечките финансиски резултати. Или, не само навалицата од купувачи, туку и податоците од Бизнис Мрежа за работењето на „Милениум – Царо“, укажуваат дека сопственикот Царо Ѓуљбеар ги владее сите аспекти на занаетот.

    Во текот на минатата година задоволните муштерии во „Милениум“ потрошиле повеќе од 29 милиони денари, односно над 472 илјади евра. Констатацијата „задоволни“ произлегува од растот на приходите за 18,4 насто.

    Безмалку 100 насто од приливите, попрецизно 99,6 насто, се инкасирани од продажбата на готовите производи, за кои општиот впечаток е дека се продаваат „како алва“. Станува збор за износ од 28,9 милиони денари што е противвредност на 470,4 илјади евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Кој работи, прави и трошоци. Во случајот на „Милениум“ заостануваат зад приходите и во апсолутна вредност и во поглед на растот, кој на годишно ниво бележи плус 15,25 насто. Вкупните расходи во 2024 година изнесувале 316,6 илјади евра, а лани близу 365 илјади евра.

    Најголемиот трошок се суровините и материјалите за производство на печивата и слатките, кои со сумата од 208,4 илјади евра зафаќаат 57,12 отсто. Воедно, ги следи зголемување од 7,41 насто. Јасно е дека работата зависи од цените на брашното, додатоците, маслото… енергенсите и сѐ што подразбира пекарската индустрија.

    Втората повисока ставка, која претставува 20,20 отсто од вкупните расходи, се платите. По таа основа лани бил исплатен бруто-износ од 73,7 илјади евра. Годишната промена во овој сегмент е позитивни 9,43 насто.

    Сите овие резултати го носат потписот на 11-те вработени. Тука спаѓа и остварената добивка и постигнатиот раст. Се работи за нето-приходот пред оданочување, што всушност е разликата меѓу вкупните приливи и трошоци. Минатата година овој мал бизнис имал профит од 6,6 милиони денари или над 107 илјади евра. За 30,45 насто повеќе споредено со 2024 година. Патем, ова движење е и многу побрзо од растот на приходите.

    Со брашно, тесто и проверен рецепт „Милениум“ опстојува 25 години. На истото место, на „млечен“ во аголот на зградата со поглед на булеварот Теодосиј Гологанов. Бурекџилницата се отвори во 2001 година, на почетокот на новот милениум по што го добила и името нетипично за бизнис од овој вид. Оттогаш е пример за едноставни, но вкусни производи, кои се неговата движечка сила. „Милениум“ не расте со големи пресврти и со агресивен маркетинг, туку со секое повторно враќање на купувачите по баничката со месо или по вртената пита.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично