
Во следната деценија Југоисточна Европа би можела да изгледа како едно огромно енергетско градилиште. Нови далноводи, соларни и ветерни паркови, батериски системи, електрани, гасоводи, LNG-терминали и прекугранични врски треба да го менуваат енергетскиот пејзаж на регионот, а сумата што се врти околу таа трансформација е огромна – околу 711 милијарди евра до 2035 година.
Тоа е проценката на Институтот за енергија на Југоисточна Европа – IENE, во најновото издание на „South East Europe Energy Outlook 2025/2026“. Само неколку години претходно, претходната проценка за истиот регион изнесувала околу 469 милијарди евра. Новата сметка е поголема за повеќе од 240 милијарди евра и покажува колку брзо енергетиката од сектор со релативно предвидливи инвестиции се претвора во една од најголемите капитални приказни во регионот.
Но, зад бројката од 711 милијарди евра има една важна нијанса. Тоа не се пари што веќе се обезбедени или проекти за кои се потпишани договори. Станува збор за инвестициски потенцијал што IENE го идентификува во 16 земји од поширокиот регион – меѓу нив Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Кипар и Турција. Во анализата Турција има особено голема тежина и, според IENE, учествува со приближно половина од вкупната потрошувачка и енергетските инвестиции во регионот.
Најголемиот дел од капиталот треба да заврши таму каде што регионот со години има најголеми слабости – во производството на електрична енергија и во мрежите. IENE проценува инвестиции од околу 210,5 милијарди евра во производство на струја и електроенергетска инфраструктура, уште 180,2 милијарди евра во обновливи извори, а дури 155,6 милијарди евра во енергетска ефикасност, вклучувајќи згради, индустрија и електрични возила.
Само прекуграничните енергетски проекти се проценуваат на речиси 42,8 милијарди евра – околу 27,6 милијарди за гасна инфраструктура и 15,2 милијарди евра за електроенергетски интерконектори. Тоа можеби е и најзначајниот дел од приказната за помалите земји во регионот. Новата енергетика нема да функционира ако секоја држава остане енергетски остров: евтината струја од сонце во една земја треба да може да стигне до соседната, вишокот да се складира, а системите да си помагаат во часовите кога производството паѓа.
Токму мрежата станува новото тесно грло на енергетската транзиција. Во Романија, Бугарија, Хрватска, Грција и Србија изградбата на соларни капацитети оди толку брзо што фокусот веќе се префрла од прашањето „колку нови мегавати можеме да изградиме“ кон „каде ќе ги приклучиме“. Анализата на SeeNext за 2026 година покажува дека сите пет големи пазари веќе планираат повеќемилијардни вложувања во електричните мрежи, при што само Грција има предвидено околу 7,8 милијарди евра. Истовремено, батериските системи забрзано стануваат нов инвестициски сектор, особено во Бугарија и Романија.
Ова не е само балкански тренд. Европската комисија проценува дека за целата европска енергетска транзиција ќе бидат потребни околу 660 милијарди евра инвестиции годишно до 2030 година, а меѓу 2031 и 2040 година потребите би се искачиле на околу 695 милијарди евра годишно. Само за европските електрични мрежи претходно беа проценети потребни инвестиции од 584 милијарди евра, во услови кога околу 40 проценти од дистрибутивната инфраструктура е постара од четири децении.
Дека парите веќе почнуваат да се насочуваат кон мрежите покажува и најновиот потег на Европската инвестициска банка. На крајот од септември ЕИБ и BNP Paribas договорија гарантен пакет од 700 милиони евра за производители на опрема за европските електрични мрежи, со очекување механизмот да поттикне до 2,8 милијарди евра реални инвестиции. ЕИБ само во 2025 година вложила 33 милијарди евра во енергетски проекти, од кои 11,6 милијарди биле наменети за мрежи и складирање енергија.
Западниот Балкан е помал дел од оваа огромна инвестициска карта, но потребата од капитал е исклучително голема. Најновата анализа на Енергетската заедница покажува дека владите на земјите-членки проценуваат оти само за спроведување на националните енергетски и климатски планови ќе бидат потребни околу 151 милијарда евра. Проблемот е што јавните извори би можеле да покријат само 10 до 30 проценти од потребната сума. Остатокот ќе мора да дојде од банки, инвестициски фондови, енергетски компании и приватен капитал.
Не е доволно една земја да има сонце, ветер или локација за хидроцентрала. За капиталот се натпреваруваат држави што нудат побрзи дозволи, сигурно приклучување на мрежа, предвидливи правила, стабилни договори и можност произведената енергија да се продава и преку граница.
Северна Македонија веќе е дел од тој инвестициски бран. Во септември ЕБОР објави проект за првиот голем самостоен батериски систем во земјата – 100 MW со капацитет за складирање од 400 MWh во Битола, за кој е предвиден заем до 33,1 милион евра. Паралелно, во реализација е и соларната централа „Битола 3“ од 134 MW, проект вреден околу 87 милиони евра што го финансираат ЕБОР и германската KfW.
Истовремено, регионалниот список на проекти што бараат капитал станува сè подолг. Енергетската заедница годинава разгледуваше 27 нови прекугранични инфраструктурни предлози, од кои 16 се во електроенергетиката, а 11 во гасниот сектор. Проектите што ќе добијат статус од регионално значење полесно можат да стигнат до европско финансирање и побрзи процедури.
Аналитика








