Екстремните горештини, сушата и пожарите од летото 2026 веќе добиваат своја економска цена. Најновите анализи не даваат една единствена бројка – зависно од методологијата, проценетата загуба за Европа се движи од околу 113 милијарди евра до 180 милијарди евра, а одделни пресметки покажуваат и дополнителни милијарди загуби во земјоделството, транспортот и од пожарите.
Летото 2026 беше едно од најекстремните што Европа ги има забележано. Најновите податоци на Copernicus покажуваат дека повеќе од половина од континентот било изложено на „многу силен“ топлински стрес, додека западна Европа го имала најтоплото лето досега. Горештините беа придружени со суша, ниски речни водостои и големи шумски пожари.
Но економската цена е многу потешко да се измери од температурата.
ALLIANZ: 113 МИЛИЈАРДИ ИЗГУБЕН ЕКОНОМСКИ АУТПУТ
Најновата целосна проценка доаѓа од Allianz Research, кој во својот Climate Economics Report 2026 проценува дека европските топлотни бранови годинава ќе чинат околу 113 милијарди евра изгубен економски аутпут, односно околу 128 милијарди долари.
Пресметката опфаќа 30 европски економии и се базира на најинтензивниот петдневен топлотен период во секоја земја, со корекции за влажноста и изложеноста на населението. Allianz проценува дека загубата е еквивалентна на околу 0,46% од заедничкиот БДП на анализираните земји. Италија, Германија и Франција сочинуваат речиси две третини од вкупната штета, додека Кипар има најголем релативен удар врз растот.
Ова е проценка на економска активност што не се реализирала – поради пад на продуктивноста, помал број работни часови, нарушувања во производството и транспортот и други последици од жештините.
ТРИОДОС БАНК ОДИ МНОГУ ПОВИСОКО – 180 МИЛИОНИ ЕВРА ЗАГУБА
Уште потешка слика даде Triodos Bank. Во анализата „Hot Summer Economics“ банката процени дека екстремните горештини и сушата можат да го намалат БДП на ЕУ во 2026 година за околу 1%, што значи приближно 180 милијарди евра економска загуба. Тоа е речиси колку целиот економски раст што Унијата го очекуваше за годинава.
Најголемиот дел од штетата, според Triodos, не доаѓа од пожарите или уништената инфраструктура, туку од пониската продуктивност на трудот. Само овој канал банката го проценува на околу 0,6% од БДП на ЕУ. Дополнителни загуби доаѓаат од земјоделството, енергетиката, транспортот и логистиката.
Triodos проценува дека земјоделското производство во ЕУ може да биде намалено за 3% до 7%, додека Франција е меѓу најпогодените големи економии – со можен негативен ефект од околу 1,4 процентни поени врз растот.
Интересно е што шпанската верзија на анализата на Triodos подоцна користи уште повисока проценка – околу 200 милијарди евра или 1,1% од БДП на ЕУ. Тоа покажува дека проценките се ажурирале додека летото сè уште траело и не треба да се третираат како една фиксна, конечна сметка.
ХОЛАНДСКАТА ABN AMRO: ФИЗИЧКИТЕ ШТЕТИ ПОГОЛЕМИ ОД УДАРОТ ВРЗ БДП
Трет значаен поглед доаѓа од ABN AMRO. Холандската банка прави важна разлика меѓу непосредната материјална штета и ударот врз БДП.
Нејзината анализа проценува дека краткорочниот негативен ефект од горештините, сушата и пожарите може да биде околу 0,2% до 0,4% од БДП, а по реконструкцијата и закрепнувањето конечниот негативен ефект може да се сведе на околу 0,1% до 0,2%.
Но банката предупредува дека директните физички штети можат да бидат повеќе од двојно повисоки од она што ќе се види во статистиката за БДП.
Причината е едноставна: ако пожар уништи куќа или фабрика, тоа е директна економска загуба. Но кога потоа започнува реконструкцијата, трошоците за градежни работи повторно влегуваат како економска активност и делумно го „поправаат“ БДП – иако општеството реално претходно изгубило имот.
ABN AMRO наведува и неколку конкретни пресметки. Според пресметка на Financial Times базирана на методологијата на Европската комисија, само шумските пожари во најпогодените земји во првите месеци од сезоната веќе предизвикале над 3,1 милијарди евра штета. И тоа без целосно да се вклучат уништените недвижности, загубите во земјоделството, прекините во туризмот и индиректните последици.
За Франција, каде летото беше особено тешко, проценките во август се искачија на 10 до 15 милијарди евра, или приближно 0,3%–0,5% од БДП. осигурителниот сектор за француските пожари, што дополнително го отвори прашањето за големиот јаз меѓу реалните и осигурените климатски штети во Европа.
САМО ОД ЖИТОТО ЗАГУБИТЕ СЕ И ДО ПЕТ МИЛИЈАРДИ ЕВРА
Сушата и високите температури го погодија и земјоделството.
Европската асоцијација за трговија со жито COCERAL процени пад на приносите на житарки во ЕУ од околу 7% во однос на 2025 година. ABN AMRO пресметува дека само тоа, по сегашните цени, значи околу 4 до 5 милијарди евра директна загуба во производството на жито.
Оваа штета не завршува кај земјоделците. Помалата понуда може да значи и повисоки цени на храната, со дополнителен ефект врз инфлацијата и потрошувачката.
Друг пример е Германија. Ниското ниво на Рајна го ограничи товарниот речен транспорт и ги зголеми трошоците за индустријата. Kiel Institute процени дека само овој ефект може да го намали германскиот БДП за до 0,2% во третиот квартал, односно да предизвика 1 до 2 милијарди евра загубена додадена вредност.
Тој ефект е особено чувствителен за германската хемиска и тешка индустрија, која традиционално го користи Рајна за транспорт на суровини.
Дополнително, Европската централна банка во своите септемвриски проекции беше многу повнимателна и оцени дека ефектот на летниот топлотен бран врз економската активност во еврозоната веројатно бил ограничен и привремен, без да даде конкретна парична проценка. Тоа покажува колку е тешко „цената на жештината“ да се сведе на една единствена бројка.
Но, и покрај различните методологии, сите анализи укажуваат во иста насока: екстремната топлина веќе не е само метеоролошки или здравствен проблем, туку мерлив макроекономски ризик.
(Фото: NASA)
Аналитика








