ПОВЕЌЕ

    ЗЕГИН ВОДИ ПО ПРОМЕТ, но профитот е на адреса на Реплек

    Време зa читање: 4 минути

    Веледрогериите се тивката, но суштинска инфраструктура на здравствениот систем. Нивната работа ретко е во фокусот на јавноста, но токму преку нив секојдневно се движат лековите, медицинските материјали и фармацевтските производи без кои не можат да функционираат аптеките, болниците и здравствените установи. Во услови на увозно зависен пазар како македонскиот, нивната улога е уште почувствителна – брзината на снабдување, логистиката, залихите и стабилноста на испораките директно влијаат врз здравствениот систем.

    Анализата на „Пари“, во соработка со Бизнис Мрежа, покажува дека десетте најголеми веледрогерии во 2025 година оствариле вкупен приход од 570,23 милиони евра, што е раст од 11,8 насто во однос на претходната година. Добивката, пак, достигнува 23,8 милиони евра, односно е повисока за дури 40 насто.

    Но, зад овие високи бројки стои бизнис со релативно ниски профитни маржи. Иако приходите се мерат во десетици и стотици милиони евра, заработките кај дел од компаниите се значително помали во споредба со прометот. Тоа е карактеристично за веледрогерискиот сектор, каде што работењето се базира на огромен обем, силна конкуренција, високи логистички трошоци и континуирано снабдување на пазарот.

    АЛКАЛОИД КОНС ИМА НАЈГОЛЕМ СКОК МЕЃУ ВЕЛЕДРОГЕРИИТЕ

    Разликите меѓу компаниите најјасно се гледаат во приходите. Таму се мери вистинската тежина на секој играч во фармацевтскиот синџир.

    Зегин и натаму е недостижен на врвот, со приход од 123,6 милиони евра и раст од 17,45 насто. Компанијата веќе неколку години ја зацврстува лидерската позиција и останува најмоќниот домашен дистрибутер во секторот. Веднаш зад неа е Македонијалек со 87,07 милиони евра. А, пак, трета компанија е Еуро-Фарм од Битола со повеќе од 70 милиони евра приход.

    Но, најголемото поместување за 2025 година го прави Алкалоид Конс. Со раст од речиси 39 насто, компанијата се пробива до 59,9 милиони евра приход и станува една од најдинамичните компании во целата анализа.

    Силен раст има и кај Рош Македонија, што покажува дека конкуренцијата во секторот станува сè поагресивна и на полето на интернационалните брендови. Компанијата е последна во оваа десетка со приход од 29,1 милион евра.

    Меѓу десетте најголеми веледрогерии пад на приходот има само кај две компании – Вега Фармацеутикал Логистикс и Д-р Пановски. Кај Вега намалувањето изнесува 7,52 насто, додека кај Д-р Пановски падот е поблаг и изнесува 1,61 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРОФИТОТ НЕ ГО СЛЕДИ СЕКОГАШ НАЈВИСОКИОТ ПРИХОД

    Додека приходите покажуваат кој има најголем обем и најсилна дистрибутивна мрежа, добивките откриваат кој најдобро управува со трошоците, маржите и пазарната стратегија. А токму таму годинава има и најинтересни поместувања.

    На врвот по добивка во 2025 година е Реплек, со заработка од 3,5 милиони евра и раст од над 33 насто. Компанијата не е лидер по приход, и е на осмото место во таа категорија, но успева многу поефикасно да го претвори прометот во профит, што ја издвојува како една од финансиски најстабилните компании во секторот.

    Веднаш зад неа е Метрополитен, со 3,3 милиони евра добивка. Иако ја нема меѓу најголемите по приход, компанијата веднаш се пробива во самиот врв по профитабилност, што покажува дека во веледрогерискиот бизнис не победува секогаш оној со најголем промет.

    Во групата со добивка над два милиони евра се и Биотек, Синерџи Медикал, Галинос Фарм и Д-р Пановски. Но токму кај Д-р Пановски се гледа најголемото изненадување – добивката паѓа од 4,1 на 2,5 милиони евра, односно за речиси 40 насто. Значителен пад има и кај Галинос Фарм, каде што профитот е понизок за 16,46 насто.

    Од друга страна, Варус и Кубис Медикал бележат раст од над 30 насто, што покажува дека дел од помалите играчи успеваат агресивно да ја зголемат профитабилноста и постепено да се пробиваат кон врвот.

    Особено е впечатливо што Зегин, и покрај убедливо највисокиот приход, го нема меѓу десетте најпрофитабилни компании. Тоа уште еднаш потврдува дека веледрогерискиот сектор работи со релативно ниски маржи и дека големиот промет не гарантира и најголема заработка.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично