
Алта банка Белград купи уште 31 акција од Алта банка Битола. Во моментот поседува 372.074 обични акции, што претставува 95,1652 отсто од акционерскиот капитал. Информацијата за настанатата промена битолската Алта банка ја сподели преку Македонска берза.
Од преземањето во октомври минатата година, српската банка, која е мнозински сопственик на Алта банка Битола, повремено купува дополнителни количини акции. Таа активност стартуваше во декември, кога стекна 19.556 акции. Во јануари инвеститорската јавност беше информирана за купопродажба на 7.213 обични акции. Потоа следуваа помалубројни трансакции: во март 84, а во април беа реализирани две – со девет и со шест акции.
Просечната цена за акција на Алта банка Битола веќе некое време е 3.777 денари. Последното тргување на Берзата е регистрирано на 27 април. Во изминатите 52 недели, според податоците, имало 23 трансакции, при што цената се движела од минималните 3.134 до максималните 3.777 денари.
Аналитика








