ПОВЕЌЕ

    БЕНЗИН, ТЕЛЕФОН, СТРУЈА И ПАМЕТНА ИНДУСТРИЈА – Клуч за голема добивка

    Време зa читање: 3 минути

    Десетте најпрофитабилни компании во Македонија во 2025 година оствариле вкупна добивка од околу 19,1 милијарда денари, односно приближно 311 милиони евра. Тоа значи дека само првите десет компании држат околу 35,3 насто од вкупната добивка на 100-те најуспешни компании на листата, покажува анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа.

    Апсолутен лидер повторно е Џонсон Мети со добивка од речиси 4,5 милијарди денари (73,1 милион евра), што покажува дека и натаму автомобилската индустрија и извозно ориентираното производство носат огромен профит. И покрај турбулентните времиња, компанијата успеала да направи раст на добивката од дури 15,6 насто. Најголем процентуален раст на добивката од 16,5 насто имала Алкалоид. Двоцифрен раст на добивката имале и А1, Макпетрол, ИГМ-Трејд, Пивара Скопје. Македонски Телеком и Каменимост комуникации морале да се задоволат со едноцифрен раст на добивката. Со намалена добивка се Електродистрибуција и Титан Усје.

    ЕКСКЛУЗИВНО НА „ПАРИ“: Кои 100 фирми прават најголеми профити?

    ОСУМ ОД ДЕСЕТ ФИРМИ СЕ ИСТИТЕ ОД ЛАНИ

    Анализата на првите десет компании покажува дека најпрофитабилни во македонската економија остануваат телекомуникациите, енергетиката, трговијата со нафтени деривати, фармацевтската индустрија, производството на пиво, челичната и цементната индустрија.

    По Џонсон Мети, на второ место, како и во 2024 година, е Македонски Телеком, со добивка од речиси 40,6 милиони евра. Во Македонски Телеком Владата има сопственост на 34,81 насто од акциите. Каменимост комуникации Скопје поседува 51 насто од акциите на Македонски Телеком и со добивка од 21,5 милиони евра е на осмото место по профит.

    Извор: Бизнис мрежа

    Ако се споредат најпрофитабилните компании од 2025 година со оние од 2024 година, на ланската листа на врвни 10 профитабилни фирми ги нема ЕВН Македонија и ТЕ-ТО. Другите 8 компании се исти. Нови во друштвото на 10-те најпрофитабилни компании се А1 Македонија и Макпетрол.

    Меѓу старо-новите 10 најпрофитабилни фирми има извесно поместување на редоследот. Домашниот фармацевтски гигант Алкалоид скокна на третата позиција од претходната петта. За по едно место нагоре на новиот список се искачија и ИГМ-Трејд и Пивара Скопје.

    ИМА ПОВЕЌЕ СТРАНСКИ ОД ДОМАШНИ КОМПАНИИ

    Особено е впечатливо што во 10-те најголеми компании по добивка доминираат компании со странски капитал или компании што се дел од големи меѓународни групации. Меѓу нив е Џонсон Мети, како дел од британска групација. Во Македонски Телеком доминантен сопственик е Дојче Телеком. А1 е дел од австриската групација А1. Титан Усје е дел од грчката групација Титан. Електродистрибуција е дел од ЕВН Македонија, која е дел од австриската групација ЕВН. Пивара Скопје има два партнери, глобално познатите Кока кола и Хајнекен.

    Овие факти покажуваат дека најголемата акумулација на профит во земјава и натаму е концентрирана кај големи системи со странска сопственичка структура.

    Од друга страна, меѓу најуспешните компании има и силни домашни компании. Тука е фармацевтскиот гигант Алкалоид, компанијата од челичната индустријаИГМ-Трејд, како и најголемиот дистрибутер на нафтени деривати – Макпетрол.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично