Нето добивка од 47,4 милиони денари оствари Триглав Осигурување во првиот квартал од годинава, проследен со годишен раст од 74 насто. Постигнатиот резултат значително го надминува минатогодишниот, но и планираниот профит за ова тримесечје од 11 милиони денари, што претставува од 435 насто. Истовремено, нето штетите се пониски од планираното ниво.
Растот на добивката е поддржан од зголемените приходи од премии, но и од поволните движења кај техничките позиции. Нето приходите од премија се во износ од 319 милиони денари, што е за 6 насто повеќе во однос на споредбениот лански период. Зголемувањето најмногу доаѓа од повисоката бруто премија, особено кај осигурувањето на имот од пожар (+12 милиони денари) и осигурувањето на финансиски загуби (+8 милиони денари). Позитивно влијание има и промената кај резервите за преносна премија (+32 милиони денари), додека зголемените издвојувања за реосигурување делумно го амортизираат ефектот.
Дополнителен импулс даваат и приходите од провизии од реосигурување, кои достигнуваат 44 милиони денари и се повисоки за 42 проценти. Наспроти тоа, приходите од финансиски вложувања изнесуваат 16 милиони денари и бележат пад од 10 проценти, главно поради намалено инвестициско портфолио. Најголемиот дел од овие приходи, односно 86 отсто, се од камати.
На расходната страна, нето трошоците за штети изнесуваат 112 милиони денари и се зголемени за 3 насто. Иако има пад кај бруто исплатените штети, негативен ефект имаат повисоките резервирања за штети. Останатите технички резерви се зголемени за 5 милиони денари, додека трошоците за бонуси и попусти се намалени на 10 милиони денари. Вкупните трошоци за спроведување на осигурувањето се намалени за 3 отсто и изнесуваат 129 милиони денари.
Триглав Осигурување има поставено високи цели – годинава премијата да се зголеми за околу 15 насто и да достигне 1,96 милијарди денари, а добивката да се позиционира на прагот од 75 милиони денари, со фокус на профитабилно и одржливо работење, дигитализација и јакнење на пазарната позиција.
Аналитика








