Платежните картички веќе не се само алтернатива на готовината, туку стануваат доминантен канал за плаќање. За една година има голема разлика и во бројот и во вредноста на трансакциите, со особено изразен продор на дигиталните и на мобилните решенија. Сепак, банкнотите успеваат да ја одржат предноста. Картичките сѐ уште не се толку влијателни за да можат барем да го намалат обемот на повлечениот износ, кој и натаму се зголемува. Се чини дека, кога е во прашање готовината, сопирачка не се ниту високите провизии што банките ги наплаќаат за оваа услуга.
Соодносот меѓу вредноста на повлечената готовина од банкоматите и на картичните трансакции е 367,6 милиони наспроти 361,8 милиони евра. Разликата во сумата е 5,8 милиони евра или за околу 1,6 насто во корист на готовината. Без оглед на тоа што плаќањата со картичка се речиси седумпати побројни – 19,04 милиони, готовината е подигната преку 2,77 милиони трансакции.
Од податоците на Народната банка, користени за анализата на Пари, се гледа дека лани остварените картични трансакции се за 17,2 насто повеќе од преклани, а во вредноста има годишен раст од 18,6 насто.

Готовината ја преферираат граѓаните, чии се 2.740.412 трансакции, преку кои подигнале повеќе од 359,6 милиони евра. Една година претходно биле забележани 2.675.407 повлекувања и сума од 329,3 милиони евра.
И кај употребата на картичките преовладуваат физичките лица, но во овој сегмент движењата се со поизразито темпо. Ако во 2024 година биле направени 15.687.751 плаќање со картичка, веќе во 2025 година бројот се зголемил на 18.428.543. Напоредно, расте и вкупниот износ на извршените плаќања – од 283,6 милиони на 337,7 милиони евра.
ЕЛЕКТРОНСКИ ПЛАЌАЊА ОД НАД 361 МИЛИОН ЕВРА
По електронски пат лани биле извршени 19.047.006 плаќања, при што најголемиот дел се извршени од физички лица (18.427.839), а 619.167 од правни лица. Вредноста на овие плаќања достигнала над 361 милион евра, а годишната промена е позитивна (+ 18,63 %).
Иницираните плаќања по неелектронски пат остануваат значително помали: 756 трансакции и 123,8 илјади евра. Кај вредноста има пад од близу девет насто.

Во тие рамки, мобилните плаќања бележат забележителен раст. Конкретно, лани се евидентирани 473.769 трансакции вредни 8,2 милиони евра. Двојно се зголемени во споредба со 2024 година, што значи дека дигиталните плаќања стануваат навика на корисниците.
БЕСКОНТАКТНИТЕ ПЛАЌАЊА СЕ СЀ ПОБРОЈНИ И ПОВРЕДНИ
Во маркетите, кафулињата, на бензинските пумпи и на сите места во трговската и угостителската мрежа, лани биле потрошени 269,7 милиони евра. Тоа е износот регистриран со плаќањата преку терминалските уреди ЕФТПОС – повеќе од 15,9 милиони на број. Овие бројки се проследени со раст од над десет насто.
Кај бесконтактните плаќања исто така има солиден раст: 13,89 милиони трансакции (+ 19,5 насто) со вредност од 218,6 милиони евра. Од нив, преку блиска комуникација (НФЦ) се извршени 4,65 милиони трансакции, од кои произлегла вкупната сума од 74 милиони евра. Брзите и бесконтактни плаќања стануваат навика на граѓаните. Нивни се 13.560.299 вакви плаќања во износ од 209,1 милион евра. Споредбата вели дека станува збор за над 2,27 милиони трансакции и за 39,2 милиони евра повеќе од преклани.

НА ОНЛАЈН ШОПИНГ ПОТРОШЕНИ СЕ 83 МИЛИОНИ ЕВРА
И покрај измамите што ги пријавуваат, граѓаните се охрабруваат и ги нарачуваат производите што ќе им се допаднат во онлајн каталозите. Тоа се потврдува и со годишната статистика на Народната банка. Трансакциите се зголемиле за 50 насто, а вредноста на нарачките за 46,7 насто, или во апсолутни бројки – 2,63 милиони трансакции и сума од 83,3 милиони евра. Секако, не мора да се нагласи дека овде е огромен придонесот на граѓаните: 2.497.406 плаќања од вкупно 74,4 милиони евра.
Раст од над 203 насто, пак, бележат повторливите трансакции, во кои спаѓаат разни претплати, плаќањата на месечни сметки, членарини, кредитни рати. Сѐ поголема автоматизација на плаќањата покажуваат заведените 253.370 трансакции, како и нивната вредност од 3,9 милиони евра, повисока за 208,6 насто. Погодноста ја ползуваат физичките лица, а податоците за нив велат дека се 247.844 трансакции во вредност од 3,6 милиони евра.
Пад има кај иницираните трансакции на банкоматите, кај бројот за 6,3 насто, а кај вредноста за нешто повеќе од 17 насто. Од сите 6.279 трансакции вредни 419 илјади евра, само 19 се направени со картичка во сопственост на фирма. И оваа банкарска услуга најмногу ја користат граѓаните.

Очигледно, дигитализацијата забрзано го менува начинот на плаќање. Меѓутоа, некои обичаи се менуваат побавно од технологијата. Иднината можеби е безготовинска, но сегашноста сè уште се потпира на готовина.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








