Централниот депозитар за хартии од вредност ја заврши деловната 2025 година со намалени приходи. Тоа се одразило и кај добивката, која една година претходно била повисока за над 50 насто. За разлика од прекланските 294 илјади евра, лани се заработени 146,6 илјади евра.
Приходите од продажба, како што е наведено, изнесуваат 847,4 илјади евра и се за 18,8 отсто пониски на годишно ниво. Останатите оперативни приходи, пак, се зголемени за 64,3 насто – на 16,7 илјади евра. Сепак, вкупните оперативни приходи се намалени за 18,1 отсто, од над еден милион на 864,1 илјада евра.
Трошоците за материјали и потрошни добра се намалени за 29,7 отсто, додека трошоците за вработени се зголемени за 1,2 насто. Амортизацијата и депрецијацијата бележат благо зголемување од 2,3 насто, а останатите и оперативни расходи се намалени за 6,5 отсто.
Оперативната добивка за 2025 година изнесува околу 116,1 илјада евра. Споредено со претходниот резултат од 285,8 илјди евра, регистриран е пад од 59,4 отсто. Притоа, намалена е и основната заработувачка по акција – од 3.013 на 1.502 денари, или за 50,2 отсто.
Акционерите на Централниот депозитар ќе добијат дивиденда од 900 денари за акција. Одлуката е потврдена на неодамна одржаното годишно Собрание. За дивиденда ќе се исплатат 87,8 илјади евра, а дел од добивката, во износ од 58,7 илјади евра, се насочува кон акумулираната добивка.
Компанијата функционира како приватно акционерско друштво кое ги регистрира хартиите од вредност и нивните сопственици, порамнува трговски трансакции и врши нетрговски преноси со хартии од вредност. Согласно Законот за хартии од вредност, единствено банки, брокерски куќи, осигурителни друштва или друштва за управување со фондови можат да бидат акционери на Депозитарот.
Аналитика








