Со пад на приходите, но со значително подобрена профитабилност ја заврши Окта деловната 2025 година. Нето-добивката е повисока за 164 насто и достигнува износ од над 9,3 милиони евра. Од компанијата истакнуваат дека планираните цели се надминати, а пазарниот удел останува доминантен – 67 проценти на македонскиот и 29 проценти на косовскиот пазар.
Во последното ланско тримесечје приходите од продажбата достигнале 165,5 милиони евра, што претставува раст од 5 насто споредено со истиот период во 2024 година. Сепак, на годишно ниво трендот е поинаков – вкупните приходи се пониски за 13 отсто и се на нивото од 625,9 милиони евра. Падот, според компанијата, е предизвикан првенствено од пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз.
Во тие рамки, од продажбите на домашниот пазар се обезбедени 451,9 милиони евра, а од странскиот 173,9 милиони евра. Продажбите на видовите горива се проследени со пад од околу 9, односно од 22 отсто.
Притоа, во последниот квартал се забележани оперативни трошоци од над три милиони евра, односно кај нив има годишна промена од плус 7 насто. На годишно ниво, пак, расходите се речиси непроменети – 10,5 милиони денари во 2025, а 10,55 милиони евра во 2024 година.
Како што се наведува, резултатот од деловните активности спроведени во текот на минатата година е бруто-добивката која се зголемила на 21,5 милиони евра. За споредба, претходната изнесувала 19 милиони евра. Ова движење е поткрпено со „поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија“.
ЕБИТДА во четвртиот квартал изнесува 2,26 милиони евра и е за 16 отсто пониска на годишна основа. Но, за целата 2025 година достигнува 10,6 милиони евра, што претставува значаен раст од 30 насто во однос на 2024 година.
Најизразен раст има кај добивката пред оданочување. Во четвртиот квартал таа изнесува 2,9 милиони евра, што е повеќе од двојно зголемување (104%). На годишно ниво, добивката пред оданочување достигна 10,8 милиони денари, што е раст од 180 насто.
Резултатите, велат од Окта, се постигнати во услови на неповолни геополитички случувања, како и на регулаторни промени кои влијаат врз пазарните услови:
„Во овие услови Окта успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи“.
Исто така, нагласуваат дека компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, на оптимално користење на продуктоводот Солун-Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
М.А.
Аналитика








