Централниот депозитар за хартии од вредност минатата недела регистрирал 12 нетрговски трансфери преку кои се подарени или дадени како наследство 2.986 акции. Сите се обични акции, издадени од 11 друштва.
На двапати е вршен пренос на акциите од ВВ Тиквеш АД Кавадарци: 113 во понеделникот и потоа во среда уште 38. Имаат просечна цена од 9.600 денари.
Најбројни се акциите на Реплек – 965, а подарокот е вреден е 253 илјади евра. Просечната цена од крајот на минатата работна седмица е 16.128,86 денари.
Статистиката бележи 705 акции со знакот на Алкалоид, а нивната вкупна вредност е околу 290 илјади евра. По последното тргување од 27 февруари, просечната цена за акција е 25.273,06 денари.
Чести во нетрговските трансфери се акциите на Гранит. Овојпат во евиденцијата се внесени 365 обични акции. Нивниот просек е 1.500 денари.
Измена во сопственоста има кај 300 обични акции издадени од Оилко КДА Скопје. Според берзанските податоци, со нив не се тргувало во изминатите 52 недели.
Со акциите на ФЗЦ 11 Октомври АД Куманово, пак, на официјалниот пазар се тргувало пред самиот крај на минатата година, а просечната цена е 399 денари. Во минатонеделните нетрговски трансфери се забележани 106 обични акции.
Во оваа статистика Макпетрол е застапен со 84 обични акции, чијашто вредност е 154 илјади евра. Акцијата на најголемиот дистрибутер на горива е со просечна цена од 112.800 денари.
Регистрирани се и 74 акции на Тутунски комбинат АД Прилеп. Во текот на последните 52 недели на Берзата биле реализирани две трансакции, при што нивната просечна цена е 290 денари.
Во минатонеделните нетрговски трансфери има и банкарски акции. Подарени се 157 од најтргуваните акции – на Комерцијална банка. Просекот по акција е 28.300,34 денари. Регистрирани се и 62 акции од Стопанска банка Скопје. Акциите на најстарата банка во земјава имаат просечна вредност од 2.520 денари. Со знакот на Централна кооперативна банка се 17 обични акции. Просечната цена за акција е 340 денари.
Р.П
Аналитика








