ПОВЕЌЕ

    БЕЗ МОРАТОРИУМ, БЕЗ БРЗО РЕШЕНИЕ: Превозниците предупредуваат на пад на капацитетот и блокади

    Време зa читање: 5 минути

    Додека европските институции бараат „технички време“ и ја одложуваат одлуката, на границите времето одамна почна да се брои во денови, тури и изгубени пратки. Денес е петок, ден кој превозниците го најавуваат како пресуден, затоа што токму денес треба да се одржи одложениот состанок на работната група во Брисел, од кој се очекува барем некаков преоден сигнал за статусот на професионалните камионски возачи од земји надвор од Шенген.

    Во меѓувреме, од БиХ стигнуваат пораки дека брзо решение нема. Министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина по средбата со амбасадорите на земјите од ЕУ соопшти дека нема „добри вести“ за оние што бараат ревизија или олеснување на правилото 90 дена престој во период од 180 дена. Истовремено, Логистичкиот конзорциум на БиХ, здружение на професионални превозници и возачи, повторно го актуелизира барањето за 12-месечен мораториум на примената на правилото, со образложение дека сегашната рамка не одговара на реалноста на меѓународниот транспорт.

    Главниот координатор на Конзорциумот, Велибор Пеулиќ, за Еуроњуз Србија оценува дека институциите реагирале предоцна: превозниците барале мораториум пред 14 месеци, а состанокот со амбасадорите, според него, се случува дури сега. Тој тврди дека последиците веќе се мерат во капацитет – моментално, вели, имаат околу 33% помалку можност да ги опслужуваат синџирите на снабдување. Според неговото објаснување, системот во пракса се претвора во работа „три месеци па три месеци пауза“, што би донело дополнителен удар: „Во април доаѓаме со 50% помал капацитет“, предупредува тој.

    Пеулиќ тврди и дека веќе има видливи проблеми на хрватската граница – во просек од 20 до 30 возила дневно биле враќани, што значи прекин на испорака или прием на стока од 400 до 600 тони. Според него, една третина од возачите веќе се „во проблеми“, а прашањето е што ќе се случи ако, како што прогнозира, во април „секое друго возило“ почне да се соочува со ризик да не помине.

    Слични пораки доаѓаат и од домашните превозници. од „Макам транс“ посочуваат дека состанокот што требало да се одржи претходно, прво најавен за понеделник, 23 февруари, па одложен, а сега преместен за денес, петок – се пролонгира без јасно објаснување, додека контролите и застојот на границите се секојдневие. Таа вели дека нивните претставници ќе учествуваат, но како набљудувачи, и предупредува дека колони веќе има на Ќафасан и во Словенија, а за еден месец притисокот ќе биде уште поголем. Ако не се најде решение, додава, ќе треба време да се ангажираат дополнителни возачи од странство, што неминовно ќе се прелее врз економијата.

    Суштината на проблемот е во тоа што правилото 90/180 – креирано за краткорочен, „туристички“ престој – се применува и врз возачи што не живеат во ЕУ, туку работат во движење и постојано ја преминуваат границата. Превозниците предупредуваат дека возачите што го надминуваат лимитот се третираат како нелегални мигранти, се соочуваат со казни, депортации или забрани за влез, а камионите остануваат заглавени на терминали низ Европа. Во пракса, ризикот почнува и порано: возач што поминал 80 или повеќе дена во Шенген, често не смее да почне нова тура што трае седум до девет дена, затоа што и „еден ден плус“ може да значи сериозни санкции и едногодишна забрана за влез.

    Дополнителна фрустрација создава фактот што, иако Европската комисија во новата Стратегија за визи официјално призна дека сегашните правила не се прилагодени на реалните услови за работа на камионџиите од трети земји, конкретно решение сè уште нема. Комисијата најавува разгледување на посебен режим на продолжен краток престој на ниво на ЕУ – кој би дозволил подолг престој без класична дозвола за работа или престој, но со јасни правила и строги контроли – меѓутоа засега тоа останува најавено, не применето.

    Во меѓувреме, Брисел не излезе со единствено официјално соопштение, туку прашањето го пренасочува кон амбасадите на земјите членки. Според изјавите на претставници на превозничките здруженија, досега конкретен одговор дале само Полска и Белгија, дека работна или престојна виза е можна ако возачот се вработи во нивна компанија или се пресели таму што, според превозниците, не го решава проблемот, затоа што тие бараат продолжување или специјален режим на краткорочен престој за непречено вршење меѓународен транспорт.

    За дел од здруженијата, долгорочните решенија како електронски „возачки визи“ се добредојдени, но предалеку. Се споменува временска рамка од три до четири години, а превозниците велат дека најголемиот проблем е токму транзицискиот период: компаниите имаат високи фиксни трошоци (лизинг, рати, плати), а ако ефективната работа во ЕУ се сведе на десетина дена месечно, многу бизниси стануваат неодржливи. Во таа атмосфера, повторно се споменуваат и блокади како последна мерка – не затоа што се посакувани, туку затоа што, според превозниците, „теренот веќе покажува што значи статус-кво“.

    Затоа денешниот, петочен состанок се гледа како тест: дали ќе има барем преодно олеснување пред 1 април – датум што превозниците го посочуваат како момент кога примената може да стане уште построга – или транспортниот сектор ќе продолжи да работи во режим на неизвесност, со товарот што веќе се префрла од дипломатските маси на границите и терминалите.

    (Фото: архива, Vasyatka1, Wikimedia)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично