ПОВЕЌЕ

    КАМИОНЏИИТЕ НЕ СЕ ТУРИСТИ: Превозниците бараат посебен третман во Шенген

    Време зa читање: 4 минути

    Европската комисија им порача на балканските превозници да ги користат постојните законски механизми за влез во Шенген-зоната, нагласувајќи дека правилата важат за сите и дека исклучоци нема. Портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, изјави дека Брисел ги разбира проблемите со кои се соочуваат возачите од Западен Балкан, но ги охрабрува партнерите да ги користат можностите за долгорочни визи и дозволи за престој, како и флексибилностите предвидени во шенгенските правила, особено за прекуграничните работници.

    Пораката од Брисел не ги смири превозниците. Тие сега надеж гледаат во вториот состанок на работната група, закажан за 23 февруари, на кој очекуваат да ја убедат Европската Унија дека професионалните возачи не можат да се третираат како туристи или мигранти. Според нив, ако Европската Унија веќе го признава возачот како професионалец во рамки на новата Стратегија за визна либерализација, тогаш нема логика престојот да му се пресметува како на посетител.

    Генералниот секретар на Макам-транс, Билјана Муратовска, посочува дека опциите кои ги нуди Брисел во пракса не се применливи. Одговорите што ги добиле од Шпанската и Унгарската амбасада покажуваат дека визите што се нудат се ограничени на 80 дена во период од 190 дена и важат само за територијата на конкретната држава, што не одговара на природата на меѓународниот транспорт кој подразбира движење низ повеќе земји од Шенген-зоната.

    Во меѓувреме, состојбата на терен станува сè покомплицирана. Во Германија се интензивираа апсењата на возачи од Западен Балкан поради надминување на дозволениот престој, а хрватските царински службеници почнаа да ги враќаат камионџиите од граница поради престој подолг од 90 дена во рамки на правилото 90/180. Превозниците предупредуваат дека последиците веќе се чувствуваат и во снабдувањето, бидејќи намалениот број активни возачи значи побавен транспорт на стока и репроматеријали.

    Од Макам-транс велат дека активно учествуваат во процесот на изнаоѓање решение за преодниот период до целосната имплементација на новата визна стратегија на ЕУ. Тие веќе испратиле официјални дописи до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со барање да се организира средба со амбасадорите на земјите членки на Шенген-зоната, со покана и до амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, како и до претседателот на Комората за странски инвестиции. Испратени се и барања до повеќе амбасади за информации околу можноста за посебни визи за професионални возачи кои би важеле пошироко на територијата на Шенген.

    Поддршка, како што информира Билјана Муратовска од Макам-транс, има од Стопанската комора и од Американската стопанска комора, како и од Министерството за транспорт. Од ресорното министерство соопштија дека во координација со Европската комисија се работи на трајно решение и дека е најавено одложување на примената на ЕЕС-системот, додека техничката работна група ги разгледува сите можности. Апелираат да не се потпаѓа на шпекулации кои би можеле да му наштетат на дијалогот.

    Превозниците како привремена мерка предлагаат деновите поминати во транзит да не се пресметуваат во рамки на правилото 90/180, со цел да се избегнат забрани за влез и таканаречени „црни печати“. Како трајно решение бараат третман сличен на оној што го имаат пилотите и машиновозачите, кои се изземени од новиот електронски систем за влез и излез.

    Блокадите на граничните премини од 26 до 29 јануари беа прекинати по најавата за нова визна стратегија, но разочарувањето по последните разговори во Брисел повторно ги отвори дилемите за штрајк. Срѓан Тошиќ, поранешен претседател на Здружението на возачи на камиони, изјави дека блокирањето на границите е последно средство, но предупреди дека ако дојде до десетдневни или подолги блокади, последиците би биле сериозни и за компаниите од регионот и за оние во Европската унија.

    Додека турските возачи, кои и натаму се во визен режим и користат виза Ц со правило 90/180, немаат проблем со внесување во ЕЕС-системот бидејќи процедурата ја минуваат при издавање на визата, возачите од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија остануваат во правна празнина. Иако во дополнетата Стратегија за визна либерализација првпат се признава професионалниот статус на возачите и потребата од подолг престој, на терен правилото 90/180 и понатаму се применува без исклучок.

    Следниот состанок на работната група на 23 февруари ќе покаже дали ќе се најде преодно решение или тензиите повторно ќе се прелеат на граничните премини. До тогаш, превозниците продолжуваат со лобирање, институциите со дијалог, а товарниот сообраќај со забавено темпо што сè поочигледно се одразува врз економијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично