Во трите работни денови од минатата недела, преку нетрговските трансфери сопственик смениле вкупно 1.740 акции. Подарените или наследени хартии од вредност се издадени од девет друштва и сите се обични акции.
Најголемиот дел од трансферите – 1.458 акции – се реализирани во понеделник. Меѓу нив, според бројноста, доминираат акциите на Фабрика Карпош. Нов сопственик добиле 828 обични акции, со просечна цена од 350 денари. Оваа компанија во декември доби нов мнозински акционер, откако Сервис Петрол купи речиси 75 отсто од акционерскиот капитал. Во изминатите 52 недели на Македонска берза се реализирани пет тргувања со овие акции, а последното е на 9 декември.
Акциите на Македонски Телеком често се појавуваат во нетрговските трансфери. Минатата седмица се регистрирани 448 такви акции. Нивната просечна берзанска цена изнесува 460 денари и произлегува од последното тргување од 9 јануари.
Со ознаката Лотарија на Македонија се пренесени 182 обични акции. Според податоците од Македонска берза, со овие акции во изминатите 52 недели се реализирани само три трансакции, а нивната просечна цена изнесува 150 денари.
Податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност покажуваат дека четвртокот бил ден за компаниите со предзнак РЖ. Сопственички пренос е извршен кај вкупно 70 акции – од кои 28 се на РЖ Економика, 30 на РЖ Интер-Трансшпед и 12 обични акции на РЖ Техничка контрола.
Во текот на последниот работен ден, во рамки на нетрговските трансфери се евидентирани уште 212 акции. Од издавачот ЖАС АД Скопје се 106 обични акции, со кои во изминатите 52 недели воопшто не се тргувало, поради што нема податок за просечна цена.
Од најтргуваните акции на Македонска берза, во минатонеделните нетрговски трансфери се вклучени 101 акција на Алкалоид и 5 акции на Комерцијална банка.
Аналитика








