ПОВЕЌЕ

    ВО МАВРОВО ЗИМАВА ЌЕ СЕ СКИЈА: „Сите жичници и ски лифтови се исправни, старт на 15 декември“, вели за „ПАРИ“ новиот менаџер на центарот

    Време зa читање: 2 минути

    Ски центарот во Маврово ќе биде отворен на 15 декември и ќе работи нормално, секако во склад со временските услови и количеството снег кое ќе го има на падините на Бистра. Ова за ПАРИ го потврди менаџерот на Ски центар Маврово, Андон Смилевски.

    „Мавровскиот скијачки центар е комплетно подготвен да ги прими скијачите и посетителите за да уживаат во зимските убавини на Бистра. На 15 декември е официјалниот старт на сезоната, а се надеваме дека и снег ќе имаме во изобилие зимава, на задоволство на љубителите на белите спортови. Хотел Бистра е веќе отворен за гости, а до почетокот на зимската сезона ќе бидат отворени и хотелите Спорт и Смрча“, информира Смилевски.

    Одговарајќи на дилемите кои се појавија во јавноста за судбината на скијачкиот центар во Маврово по написите во одредени медиуми дека центарот, откако сменил газда, се наоѓа во лоша состојба, со несервисирани жичарници и запуштен инвентар, Смилевски истакнува дека информациите се неточни. „Трите жичарници се сервисирани, сменети се две сајли, купен е и нов ратрак, сите имаат безбедносни сертификати, проверени се и се во функција. Во моментов уште се прават последните проверки и интервенции на котвите на некои од ски-лифтовите, како и некои помали градежни поправки на лимаријата на бачилото Трифкова колиба, поради тоа што снежните врнежи малку ги успорија последниве недели работите, но се ќе биде готово до стартот на сезоната“, вели тој.

    Сепак, промената на сопствеништво на ски-центарот во Маврово не одела така мазно, поради што и доцни ребрендирањето на центарот, кое било планирано. „Почнуваме многу скромно бидејќи оваа сезона, поради околностите, не бевме во можност да ги реализираме сите планови, па инвестициите ќе ја почекаат следната сезона. Токму поради тоа и одлучивме цените на ски билетите да останат исти како и лани“, вели Смилевски.

    Ски-билетите, според ланскиот ценовник се: 1.050 денари за деца до 13 години, 1.250 денари за ученици и студенти до 23 години и 1.500 денари за возрасни. Сепак, поради организациски причини, вели Смилевски, не сме во можност да издаваме сезонски ски-билети за оваа ски-сезона, 2025/2026.

    Ј.Д.

    (Фото: ResortMavrovo.com)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично