Сава пензиски фонд и заменик генералниот директор Коста Котески купиле, а „Настел“ продал акции од „Реплек“. Информацијата за промените е објавена на Македонска берза.
Сава пензиски фонд е меѓу поголемите акционери, чиј удел во моментот нараснал на 6,48 проценти. Вториот човек во „Реплек“, директорот за снабдување и комерција и член на Управиот одбор засега поседува 410 акции:
„Акционер со над 5% Отворен задолжителен пензиски фонд САВА ПЕНЗИСКИ ФОНД се стекна со 90 нови акции, со што поседува вкупно 16.793 или 6,48% од вкупниот број на акции.
Членот на Управниот одбор на Реплек АД Скопје, Котески Коста се стекна со 10 нови акции при што вкупно поседува 410 обични акции“.
„Настел“ и натаму е во улогата на продавач: „Акционер со над 5% односно компанијата НАСТЕЛ ДООЕЛ продаде 95 акции, со што поседува вкупно 15.950 или 6,15% од вкупниот број на акции“, пишува во известувањето наменето за инвеститорската јавност.
Според берзанските податоци, вчера била реализирана блок-трансакција со хартиите од вредност на фармацевтската компанија. Станува збор за купопродажба на 250 акции во вредност од 3.975.000 денари или над 64,6 илјади евра. За секоја акција се платени по 15.900 денари.
Цената е пониска од вчерашниот просек од 16 илјади денари. На официјалниот пазар биле истргувани 75 акции, при што е направен промет од 1,2 милиони денари (19,5 илјади евра).
Аналитика








