ПОВЕЌЕ

    Глобалните услови можеби ја топат добивката, но го челичат извозот на „Макстил“

    Време зa читање: 2 минути

    Во годината – тешка за глобалната побарувачка на челик, „Макстил“ оствари позитивни финансиски резултати, кај кои има отстапувања во споредба со претходните постигнувања. Приходите од извозните активности се зголемени, пад има на домашниот пазар. Намалена е и добивката под ударот на цените на суровините кои ги зголемиле трошоците на производството, која изнесува 238 милиони денари, односно 3,9 милиони евра.

    Од деловните активности во 2024 година „Макстил“ бележи приливи од 8,38 милијарди денари или 136,2 милиони евра, за еден отсто послаби од претходната 2023. Речиси целиот износ е сочинет од приходите од продажби, кои имаат удел од 99 проценти. Значајно е што од извозот се инкасирани 7,64 милијарди денари (124,3 милиони евра), кај кои има раст од 3,18 насто. Повисоки се и приходите од директната продажба, каде што е запишана сума од 5,04 милијарди денари (82 милиони евра). Без оглед што преработката донела помалку во однос на 2023, вкупните износи од продажбата се повисоки – 8,24 милијарди денари (124 милиони евра).

    Минатогодишните расходи се пониски за еден отсто и изнесуваат 7,56 милијарди денари (123 милиони евра. Доминантни, со 96 отсто се трошоците за производство.

    И во текот на 2024 компанијата реализирала инвестициски активности за одржување на инсталираната опрема и производните линии, и за подобрување на безбедноста при работа, Станува збор за вложени 192 милиони денари (над три милиони евра).

    Исто така, „Макстил“ успеал и да ги намали кредитните обврски за 3,88 проценти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично