ПОВЕЌЕ

    „Макпетрол“ ја зголеми добивката за 38,84% – Награда ќе има и за акционерите и за вработените

    Време зa читање: 3 минути

    Зголемени приходи, добро контролирани трошоци, инвестиции и повисока добивка се резултатите од планското и доследно работење на најголемиот македонски дистрибутер на горива. И менаџментот и акционерите на „Макпетрол“ можат да бидат задоволни, бидејќи солидните достигнувања се остварени во услови на неизвесност и неповолни надворешни и внатрешни влијанија. Тоа на компанијата и овозможи да ја задржи водечката позиција на пазарот, како што велат, „пред сѐ поради лојалните потрошувачи и малопродажната мрежа“.

    Реализацијата на деловните активности во текот на минатата година е заокружена со добивка, која пред оданочувањето е повисока за 38,84 проценти во однос на претходната 2023. Станува збор за износ од 1,16 милијарди денари или 18,8 милиони евра. Нето-профитот, пак, се брои со 1,06 милијарди денари, односно над 17,2 милиони евра. Овој раст е поддржан од позитивните движења кај бруто-маржата (зголемен промет со нафтени деривати и поголема продажба на дополнителен асортиман), но и кај финансиските приходи и расходи (зголемен е приносот од вложувања).

    Од продажбата „Макпетрол“ лани инаксирал 30.863.671 илјади денари (речиси 502 милиони евра). Во тој износ на остварените оперативни приходи, приливите од продажбата се 30.604.229 илјади денари (497,62 милиони евра). Од домашниот пазар потекнуваат 30.194.695 илјади денари (491 милиони евра), кои се зголемени за три насто. Во тие рамки, приходите на мало се повисоки за 4,67 насто, со 89 отсто партиципираат во приливите од продажбата. „Во структурата на приходите, најголем удел со 98,46% имаат приходите од продажба, од кои 97,14% се остварени преку продажба на домашен пазар, а само 1,32% се остварени преку продажба на странски пазар, односно преку извоз на млазно гориво“, посочуваат од „Макпетрол“.

    Поместување има и кај трошоците, кое произлегува од базата на вработените. Конкретно, освен зголемувањето на минималната плата, во „Макпетрол“ за 200 е зголемен и бројот на ангажираните лица. Притоа, по нагорна линија се движат премиите за осигурување, бидејќи сите што работат во оваа компанија се осигурани во доброволното приватно здравствено осигурување. Меѓу вработените, кои стојат зад сите досега постигнати резултати, како награда минатата година биле распределени 120 милиони денари (близу два милион и евра) од добивката за 2023 година. Исто така, им бил исплатен К-15 од 42 илјади денари, или вкупно за сите 96,18 милиони денари (околу 1,6 милиони евра), како и новогодишен надомест од 30 илјади денари, за што биле издвоени 68,63 милиони денари (1,1 милион евра). Инаку, вкупните трошоци за 2024 година се во износ од 29,93 милијарди денари (48,6 милиони евра).

    Лани акционерите добија дивиденда за 2023 година пресметана по 3.700 денари за акција, при што беше исплатен бруто-износ од 374.232.800 денари или повеќе од шест милиони евра. Според минатогодишните движења, за очекување е дека фондот за распределба меѓу акационерите ќе биде поголем. Дека „Макпетрол“ постојано прикажува подобри резултати, се гледа и од растот на дивидендниот принос: за 2019 бил 2,57%, за 2020 – 2,74%, за 2021 – 3,83%, за 2022 – 4,90% и за 2023 година – 5,75%

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично