„Иново брокер“ има нов сопственик кој за 6.340 обични акции платил над 88,8 илјади евра. Таа количина обезбедува 90,57 проценти од издадените хартии од вредност. Известувањето за блок-трансакцијата е објавено на Македонска берза.
Акциите се купени по единечна цена од 862 денари, додека номиналната е во износ од 25 евра. Во домашната валута, вредноста на трансакцијата е 5.465.080 денари.
Пред извесно време пишувавме дека ВФП и главниот извршен директор на тоа друштво, Петар Андреевски, ќе се стекнат со квалификувано учество од по минимум 10 проценти во „Иново брокер“. Конкретно, ВФП – 3.850 обични акции со право на глас, а Андреевски како физичко лице 1.190 акции. Вкупно 5.040.
Според правилата, во рок од 90 дена по добиената согласност од Комисијата за хартии од вредност, треба да се реализираат трансакциите за стекнување на акциите. КХВ ја даде согласноста кон средината на септември, кога оцени дека „Друштвото ВФП АД Скопје и лицето Петар Андреевски ги исполнуваат законските услови за акционери со квалификувано учество во Иново брокер АД Скопје и не претставуваат ризик за сигурното и стабилното функционирање на брокерската куќа“.