ПОВЕЌЕ

    КОЛУМНА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БРАНКО АЗЕСКИ: Премиерот, банките и бизнисот

    Време зa читање: 3 минути

    Намерата на премиерот да помогне на бизнисот е чесна како и настојувањата на банкарите да го одбранат своето. Но, чесно е барањето на бизнисот, имплементација одма. Тоа ќе овозможи заедно со другите инвестициони активности што ги најавува Владата на РСМ и оние што ги планираат компаниите ,да внесеме доза на оптимизам дека работите одат кон посакуваната цел, а тоа подразбира раст на економијата поголем од 1.8%  што беше просек во изминатиот период.

    На јубилејот по повод 100 годишнината од основањето на Стопанската комора, наместо прослава консензуално во Комората донесовме Декларација за постигнување општествен консензус по однос на прашањето за понатамошниот развој на државата. И јасно, потенциравме дека клучен приоритет во наредните 10 години треба да биде бизнисот како основен кохезионен фактор на сите разлики (меѓунационални, меѓуетнички, социјални, концепциски, стратешки) кои што постојат во нашата државата.

    Помеѓу многубројните проблеми со кои се соочуваме, посебно сакам да го издвојам проблемот на имплементацијата на договореното, кој како да е рак рана на нашето живеење во првата самостојна и независна македонска држава. Никој не го оспорува капацитетот на нашиот народ за договор, ниту на бизнисот, но секогаш е спорно неговото спроведување бидејќи наидува на различни прашања и дилеми.

    Деновиве имаме конкретен пример со што можеме да им покажеме на јавноста и на меѓународната заедница дека покрај способноста за договор, имаме способност и за имплементација преку широк консензус за поддршка на бизнисот и неговите потреби како приоритет во наредните години. Тоа значи дека парите од унгарскиот кредит кои институционално беа процесуирани преку македонското собрание и легнати на сметката на Народната банка на РСМ мора веднаш да се стават во функција.

    Едноставно кажано, тој сигнал би поттикнал и другите компании да тргнат по патот на инвестициите што е единствено решение за нашите проблеми.

    П.С. Оваа недела имав исклучителна чест и задоволство да присуствувам на седницата на Клубот на извозници при СКСМ во кој членуваат најголемите и најуспешните домашни извозни компании и морам да кажам дека ова специјализирано тело како форма на делување е вистински погодок во насока на градење на новиот концепт на Комората за поддршка на извозните активности на компаниите. Претседателот на Клубот на извозници, проф. д-р Дарко Лазаров заедно со неговиот тим на потпретседателите (Анатол Кутревски од Пекабеско Скопје, Зоран Илиевски од Актива Штип и Евгенија Ѓорѓиеска од Ламинати Ком Прилеп) вложиле огромни напори да го организираат овој концепт и како млади професионалци и претставници на успешни извозни компании се силна гаранција дека тоа ќе се развива во вистинска насока. Националниот совет за извоз, Клубот на извозници и Институтот за извоз ќе бидат трите столба на кои ќе почива новиот концепт на Комората за поддршката на сите извозни активности на компаниите. Во наредниот период Комората ќе промовира и нови облици и алатки во интерес на компаниите, а истовремено силно ќе ги поддржува активностите поврзани со борбата со корупцијата и сивата економија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично