Платени се 160,8 илјади евра за 3.300 акции на битолскиот ЗК „Пелагонија“. Купувачот преку блок-трансакција се стакнал со 1,63 проценти од основната главнина на комбинатот.
За оваа промена информира Македонската берза.
Акциите се купени по единечна цена од три илјади денари, додека номиналната вредност е 70,21 евро. За нив е платен вкупен износ од 9,9 милиони денари.
Се работи за блок-трансакција, што значи купувачот е познат, но не за пошироката јавост. За ЗК „Пелагонија“, пак, е познато дека во првата половина од годинава направи добивка од над половина милион евра, а 2023 ја заврши со профит од над осум милиони евра. Делува во доменот на агробизнисот, со основна дејност примарно земјоделско производство, а има и биогасни електрани.
Најголем акционер е ГП „Софија Градба“ кое во сопственост има 22,69 отсто од акциите.
Со Одборот на директори како претседател раководи Цветан Панделевски од „Пелистерка“, а во составот се Весна Белешовска-Бунтеска, Александар Георгиев и Анета Ѓоргиев.