ПОВЕЌЕ

    Со 5,1 милион евра „Европа“ ќе купува стоки и услуги од својот најголем акционер „Фершпед“

    Време зa читање: 2 минути

    Со 5,1 милион евра или 317.250.000 денари скопското АД „Европа“ ќе купува суровини, амбалажа, канцелариски материјали, ќе обезбеди исхрана за вработените и дел од ХТЗ опремата, но ќе користи и услуги од својот најголем акционер „Фершпед“ АД. Купопродажните активности меѓу двете компании не се новина, а за последнава се чека одобрението да произлезе на претстојното Собрание на акционери, чија седница е закажана за 12 мај.

    Дел од големата зделка со заинтересирана страна е и набавката од 32.316 евра (2.000.000 денари), со кои „Фершпед“ од „Европа“ ќе купи производи од нејзиниот асортиман.

    Исто така, „Европа“ се јавува и како давател на позајмици. Во случајот, на „Фершпед“ ќе му обезбеди 80.791 евро, односно 5.000.000 денари.

    Како што се наведува, вредноста на секоја од зделките, поединечно или кумулативно, за период од денот на донесување на одлуката, па се до одржувањето на наредно Годишно собрание на акционери, нема да го надмине износот од 5,23 милиони евра (324.250.000 денари), во кој не е вклучен ДДВ. Вредноста, пак, претставува 29,97 проценти од книговодствената вредност на имотот на Друштвото, определена согласно последните ревидирани финансиски извештаи за 2022 година.

    Од акционерите се бара одобрување, поради тоа што постои взаемен интерес за деловна соработка во рамки на редовното работење, во кое, покрај купопродажните активности спаѓаат и обезбедувањето аванси, гаранции, краткорочни парични позајмици, шпедитерски услуги и организација на транспорт, организирана исхрана, користење на други услуги…. Сето тоа, се наведува, по пазарни услови за слични видови зделки.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично