Од 19 септември Минхен повторно ќе биде еден од најбучните, најшарените и најпосетуваните градови во Европа. Почнува годинешното здание на Октоберфест.
За неколку дена Минхен повторно ќе почне да живее во ритамот на баварските оркестри, дирндлите, кожените панталони и литарските кригли. Октоберфест 2026 ќе трае од 19 септември до 4 октомври, вкупно 16 дена, а организаторите го најавуваат како 191. издание на најголемиот народен фестивал во светот.
Уште од времето на кралската свадба пред повеќе од два века, овој фестивал денес привлекува милиони луѓе од целиот свет. Годинава посетителите ги очекуваат стотици атракции, огромни пивски шатори и традиција која преживеала војни, епидемии и економски кризи, но и повисоки цени.
Центарот на случувањата и годинава е Терезиенвизе – Theresienwiese, огромниот простор во близина на центарот на Минхен, во градската област Лудвигсфорштат-Изарфорштат.
Иако зборот „Октобер“ му стои во името, најголемиот дел од фестивалот одамна се одржува во септември. Причината е прилично практична – времето. До 1871 година фестивалот се одржувал главно во октомври, но од 1872 година почетокот бил поместен порано за посетителите да ги искористат подолгите денови и потоплото доцнолетно време. Оттогаш традицијата е фестивалот да почнува во саботата по 15 септември и да завршува на првата недела во октомври.
ЦЕНАТА НА ПИВОТО ГОДИНАВА 16 ЕВРА ЗА КРИГЛА
Најмногу внимание, како и секоја година, привлекува цената на пивото. Во 2026 година една Maß, односно литар фестивалско пиво, ќе чини од 14,80 до 15,90 евра, зависно од шаторот. Просечната цена е околу 15,61 евро, а во однос на минатата година просечно е повисока за 2,38 проценти. Во големите фестивалски шатори цените се движат од 14,90 до 15,90 евра.
Меѓу поевтините е Augustiner-Festhalle со цена од 14,90 евра, додека во Armbrustschützen-Festzelt, Bräurosl и Löwenbräu-Festzelt литарот стигнува до 15,90 евра. Во Kufflers Weinzelt литар пченично пиво ќе чини дури 18,40 евра. На Октоберфест, инаку, се служи пиво од шесте традиционални минхенски пиварници – Augustiner, Hacker-Pschorr, Hofbräu, Löwenbräu, Paulaner и Spaten.
Ниту безалкохолните пијалаци не се евтини. Просечната цена на литар вода е 11,13 евра, на Spezi – популарната германска мешавина од кола и портокал – 12,84 евра, а на лимонадата 12,47 евра. Цените не ги диктира градот Минхен, туку угостителите, додека градските власти проверуваат дали тие се во разумни рамки.
И храната лесно може да ја крене сметката. Цените се разликуваат од шатор до шатор, но добар показател е еден од најпознатите, Schottenhamel: годинава половина печено пиле чини 17,80 евра, а пиво и половина пиле заедно 33,60 евра. Тоа значи дека едно сосема класично октоберфестовско јадење со две пива лесно се приближува до 50 евра по човек, и тоа без десерт, дополнителен оброк или возење на некоја од атракциите.
Влезот на главниот фестивалски простор и во шаторите, сепак, е бесплатен. Се плаќа четири евра за историскиот дел Oide Wiesn, сместен во јужниот дел на Терезиенвизе, каде атмосферата е намерно поблиска до стариот Октоберфест, со традиционална музика и историски забавни содржини.
„ОТВОРЕНО Е“
Фестивалот официјално ќе започне на 19 септември точно напладне, кога градоначалникот на Минхен, Доминик Краузе, во шаторот Schottenhamel ќе го отвори првото буре пиво. Дури откако ќе одекне традиционалното „Ozapft is!“ – „Отворено е!“, започнува точењето пиво и во останатите шатори.
Но спектаклот почнува уште претходно. Во 10:35 часот тргнува традиционалната поворка на сопствениците на шаторите и минхенските пиварници. Украсени коњски запреги со буриња, музички состави и околу 1.000 учесници минуваат низ улиците на Минхен кон Терезиенвизе.
Уште поголем спектакл следува наредниот ден. На 20 септември околу 9.000 учесници во народни носии, стрелачки здруженија, планински клубови, оркестри и фолклорни групи минуваат низ центарот на Минхен кон фестивалскиот простор. Поворката на традиционални носии и стрелци е една од најфотографираните сцени на целиот Октоберфест.
На 24 септември е традиционалната богослужба во Marstall, на 27 септември под монументот Bavaria се одржува големиот концерт на фестивалските оркестри, а на 4 октомври Октоберфест завршува со традиционален почесен топовски поздрав. Во меѓувреме, секојдневната програма ја сочинуваат музика во живо, луна-парк, панорамско тркало, ролеркостери, стрелишта, семејни атракции и десетици места за традиционална баварска храна. Двата вторници се и таканаречени семејни денови, кога посебно внимание се посветува на посетителите со деца.
КРАЛСКА СВАДБА – БЕЗ ПИВО
Сето ова започнало многу поскромно – и без пиво како главен актер.
На 12 октомври 1810 година се венчале баварскиот престолонаследник Лудвиг, подоцна кралот Лудвиг I, и принцезата Тереза од Саксонија-Хилдбургхаузен. Во чест на свадбата биле организирани неколкудневни свечености, кои на 17 октомври завршиле со голема коњска трка на ливада надвор од тогашните градски ѕидини. Просторот бил именуван Theresienwiese – „ливада на Тереза“, во чест на невестата. Од таму доаѓа и денешниот минхенски прекар за Октоберфест – Wiesn.
Фестивалот постепено добивал форма слична на денешната. Продажбата на пиво била официјално дозволена во 1880 година, во 1881 се појавила првата специјализирана печалница за пилешко, во 1886 пристигнала електричната енергија, а во 1898 бил поставен првиот вистински голем фестивалски шатор со место за околу 6.000 луѓе.
Една од најпознатите традиции, всушност, е релативно млада. Ритуалот градоначалникот да го отвори првото буре потекнува од 1950 година. Тогашниот градоначалник Томас Вимер имал прилично неславен почеток – му биле потребни дури 17 удари за да го отвори бурето. Оттогаш бројот на удари со чекан е речиси спорт сам за себе, а германските медиуми секоја година внимателно бројат колку му биле потребни на актуелниот градоначалник.
Ниту фестивал со ваква традиција не бил имун на историјата. Октоберфест во своето постоење бил откажуван 26 пати – поради Наполеоновите војни, епидемии на колера, Првата и Втората светска војна, хиперинфлацијата, а последен пат во 2020 и 2021 година поради пандемијата на ковид-19.
НАД ШЕСТ МИЛИОНИ ПОСЕТИТЕЛИ И ТОНИ И ТОНИ ПИВО
Размерите денес се тешко споредливи со почетоците. Во 2025 година Октоберфест го посетиле околу 6,5 милиони луѓе, во 2024 околу 6,7 милиони, а во 2023 бил поставен рекорд со приближно 7,2 милиони посетители. Организаторите наведуваат дека вообичаено фестивалот собира меѓу шест и седум милиони луѓе.
И покрај глобалната слава, мнозинството гости и натаму се од Минхен и околината. Во 2025 година во просек околу 21 процент од посетителите биле странци, а меѓу најзастапените биле туристите од САД, Италија, Велика Британија, Австрија, Полска, Шпанија и Франција.
А каде има милиони посетители, бројките стануваат необични. Лани биле испиени околу 6,5 милиони литри пиво. Во бирото за изгубени предмети завршиле околу 4.500 работи, биле создадени 764 тони отпад, а фестивалот потрошил 2,8 милиони киловат-часови електрична енергија. Посебно впечатлива е уште една бројка: обезбедувањето во 2025 година спречило посетители да „понесат за спомен“ околу 116.000 фестивалски кригли.
Покрај пивото, Октоберфест е и огромна гозба на баварската кујна – традиционално се јадат печено пиле, свински коленици, братвурст и свински колбаси, печени волови, риба, џиновски переци и печени бадеми, а сѐ поголема е и понудата на вегетаријански и вегански јадења. Само во 2025 година биле пријавени 351.461 печени пилиња, 427.401 братвурст колбаси, речиси 72.000 свински коленици, 130 волови, 44 телиња и околу 22 тони риба, што добро покажува колкави се гастрономските размери на фестивалот.
Аналитика








