ПОВЕЌЕ

    АЛАРМАНТНО: Годинава за 6 месеци згаснале 5.022 фирми, лани за цела година 6.214!

    Време зa читање: 3 минути

    Во првото полугодие од годинава згаснале 5.022 фирми. Овој податок е алармантен, ако се земе предвид дека минатата година, за сите 12 месеци, бројот на згаснатите фирми бил 6.214.

    Ако се анализира по месеци, податоците на Pari.com.mk и БизнисМрежа.мк покажуваат дека најмногу згаснати фирми има во февруари, односно тогаш официјално биле избришани 3.403 фирми. Но, бришењето на голем број на фирми во вториот месец од годинава е вообичаено, односно тогаш Централниот регистар ги брише компаниите кои не се активни, согласно член 552 од Закон за трговски друштва. Станува збор за фирми кои не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, или не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче, или не улатиле основачки влог во пропишаниот рок.

    Но, ако во минативе години, бришењето на по околу 3.000 неактивни субјекти е вообичаено за февруари, она што можеше да се забележи во другите месеци од првото полугодие од годинава, е зголемена динамика на затворање на фирми што отишле во стечај и ликвидација, а тоа, за жал, оди во прилог на предвидувањата на дел од стопанствениците дека нивната „деловна кондиција“ се троши и дека оваа година ќе има и повеќе откази од лани и покрај генералните процеси на економско задравување.

    МесецВкупно згаснати субјекти
    Јануари216
    Февруари3403
    Март378
    Април493
    Мај271
    Јуни261
    Извор: БизнисМрежа.мк

    Ако се анализира, во кои сектори најмногу компаниите ставиле клуч на врата, состојбата покажува дека  на прво место настрадала трговијата (на големо и на мало) каде биле затворени дури 1.622 фирми, или 32,3 проценти од сите затворени фирми. На второ место биле компаниите во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна – каде се затворени 604 фирми, или 12 проценти од сите фирми и на третото неславно место се компаниите од преработувачката дејност со 543 фирми, или 10,8  отсто од сите фирми затворени во првите 6 месеци од годинава.

    СекторВкупно згаснати субјекти
    Трговија на мали и на големо1.622
    Објекти за сместување и сервисни дејности со храна604
    Преработувачка индустрија 543
    Градежништво397
    Транспорт386
    Извор: БизнисМрежа.мк

    Како и што се очекува, најмногу згаснати фирми има во Скопје – 1.935, или речиси секоја трета згасната фирма (38 проценти од сите фирми) била во главниот град. На второ место по згаснати фирми била Битола со 257 згаснати компании,  а на третото Тетово со 235 фирми. Над 200 згаснати фирми, имаат и Гостивар (229) и Куманово (220). Во групата над 100, а помалку од 200 згаснати фирми, влегуваат  Штип, Струмица, Струга, Прилеп, Охрид, Кочани, Кичево, Кавадарци, и Велес.

    ГрадВкупно згаснати субјекти
    Скопје1935
    Битола257
    Тетово235
    Гостивар229
    Куманово220
    Извор: БизнисМрежа.мк

    Ако се анализира според видот на субјектот,  најмногу згаснати субјекти во првите 6 месеци од ова година има од регистрираните друштва со ограничена одговорност од едно лице – ДООЕЛ. Од 5.022 згаснати фирми, 3.540 се ДООЕЛ.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично