ПОВЕЌЕ

    За владината помош основците и средношколците ќе се пријавуваат во училиштата, студентите онлајн во МОН

    Време зa читање: 2 минути

    Пензионерите и ранливите категории граѓани опфатени во деветтиот антикризен пакет финансиската помош ќе ја добијат директно, без претходно пријавување, односно тоа ќе се реализира преку податоците со кои располагаат надлежните институции.

    Учениците, основци и средношколци, пријавите треба да ги достават во училиштата. За студентите, пак, постапката е онлајн, преку апликацијата за електронски услуги на Министерството за образование, но откако МОН ќе го објави повикот.

    Овие одлуки произлегуваат од владината седница, на која е утврден Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската и ценовната криза. Од Владата, текстот се префрла во Собранието, каде што треба да мине по скратена постапка.

    Како што е утврдено, парична помош во наредниот период ќе добиваат: корисниците на посебен додаток и на надомест заради попреченост, самохрани родители евидентирани како корисници на гарантирана минимална помош, пензионери со пензии до 19.000 денари, основци и средношколци чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари, студенти кои живеат надвор од местото на студирање.

    Почнувајќи од овој, па во наредните пет месеци, по 2.000 денари ќе добиваат корисниците на посебен додаток, на надоместзаради попреченост и самохраните родители.

    Исто така, во текот на пет месеци по 3.000 ќе им следуваат на лицата со пензија до 14.000 денари; по 2.000 денари за пензии до 16.000 денари; по 1.500 денари за пензионерите со примања до 19.000 денари.

    Учениците од основното и од средното образование ќе примаат по 1.200, односно по 1.800 денари во период од шест месеци. А, студентите, до крајот на академската година, ќе користат надомест за превоз од 600 до 1.200 денари.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично