ПОВЕЌЕ

    За скромен живот 800 евра: Инфлацијата паѓа, цените растат, логика – нема

    Време зa читање: 3 минути

    Како да се протурка месецот – е основното прашање на кое одговор секојдневно бараат најголмиот дел македонски граѓани и семејства. Нема ден без ценовно изненадување. Месечните трошоци растат, а потребите, кои се порелаксирани во летниот период, се повеќе притискаат – почнувајќи од стартот на учебната година, па со настапувањето на зимата и проблемите што ги носи. И, кога во август за минимум живот биле потребни 800 евра, колку ли ќе чини живеачката во декември или јануари?

    Минималната кошница за август тежела 49.345 денари или 801 евро. Месечните пресметки ги прави Сојузот на синдикатите на Македонија. Овој пат посочуваат – иако се намалува инфлацијата, кошницата која ги содржи основните потреби на просечно четиричлено семејство е поскапа за 725 денари во однос на јули. Велат, тоа зголемување го трпат работниците и граѓаните во оваа држава, при што се нагласува дека најголем е растот кај храната и пијалаците, за 1,9 проценти.

    Синдикалните математики покажуваат дека само за исхрана и за пијалаци во август биле потребни 20.384 денари. Во евра – 331, кои, патем, ја чинат речиси половината од вредноста на сите месечни потреби. Конкретно, 44,99 отсто.

    Понатаму, податоците на ССМ велат – домувањето чини 13.713 денари/223 евра и зафаќа 30,27 проценти од кошницата. Хигиената учествува со 7,22 отсто и бара најмалку 3.273 денари, односно 53 евра.

    Следуваат превозот со 3.720 денари/60 евра и удел од 8,21 процент, потребите за облека и обувки со минимум 2.320 денари/38 евра (5,12%), за култура 1.067 денари/17 евра (2,36%). На крај се трошоците за одржување на здравјето, кои се и најниски – само 828 денари или 13 евра. А, нивниот удел во целата вредност на кошницата е само 1,83 отсто. Нема анализа за тоа дали здравјето се занемарува во однос на исхраната, или просечниот граѓанин е здрав како дрен.

    Оттука и збирот од 45.308 денари. Кој се надополнува со стапката на инфлација изразена преку трошоците на живот, која во август, според официјалните статистики е 8,3 проценти. Што за синдикална кошница значи плус 4.036 денари, односно речиси 66 евра, со кои се заокружуваат оние минималните 49.345 денари.

    Августовската инфлација е скоро иста како јулската, кога Државниот завод за статистика измери 8,4 проценти. Мала, но сепак разлика има кај цените на мало. Минатиот месец е регистриран раст од 5,6 насто, кој е повисок од јулските 4,9 проценти. Движењата, пак, најмногу се рефлектираат кај цените на лебот, млечните производи, овошјето, зеленчукот, горивата, струјата…

    Од јули до август овошјето е поскапо за 7,8 насто, зеленчукот, освен компирите и другите коренести плодови за 7, сирењето и урдата за 3,2, млекото за 2,6, лебот и житата за 1,6, месото за 0,9 проценти…, прецизна е сатистиката.

    Значи, утврдено е и потврдено – цените растат, инфлацијата паѓа. Логика – нема.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично