ПОВЕЌЕ

    ЗА ПЕНЗИИ ГОДИНАВА СЕ ПЛАНИРААТ 1,2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, ДРЖАВАТА ЌЕ ПОМАГА СО НАД 500 милиони

    Време зa читање: 4 минути

    Пари анализа: Движење на пензии, придонеси и државни трансфери во последните 5 години

    За пензии годинава се планирани 1,2 милијарди евра. Тоа е дури 119,3 милиони евра, или 10,8 проценти повеќе отколку од ребалансираниот буџет за 2022 година, кога биле наменети 1,1 милијарди евра. Расте износот наменет за пензии, но расте и планираниот износ од пензиските придонеси. Така, од придонеси за пензиско осигурување во 2023 година се планира да се соберат 981,8 милиони евра, додека лани во последниот ребаланс на Буџетот, износот од придонесите за пензиско осигурување бил 868,5 милиони евра.

    Но, од државната каса не се покрива само разликата меѓу пензиите и собраните пари од пензискиот придонес, туку повеќе. Причината е што еден дел од пензискиот придонес не оди во Фондот за ПИОМ за сегашните пензионери, туку оди во задолжителните приватни пензиски фондови, како лични пари на сегашните вработени, а идни пензионери. Секако, освен пензиите, мора да се покрие и самото работење на Фондот за ПИОМ. Резултат на тоа е наведеното во Буџетот за 2023 година: трансферот од централниот буџет во Фондот за ПИОМ ќе биде 508,3 милиони евра. Тоа е за 7,3 милиони евра повеќе отколку минатогодишниот трансфер, кој изнесувал 501 милион евра.

    Очигледно, при кроењето на Буџетот, иако се планирани речиси 120 милиони евра повеќе пари за пензии во однос на лани, не е планирано соодветно да се зголеми и трансферирањето на пари од државната каса, а причина за тоа е што се очекуваат повеќе пари како придонес од пензиско осигурување поради очекуваното зголемување на платите (пензискиот придонес останува ист како лани и е 18,8 проценти). Имено, буџетските проекции се темелат на две законски обврски: зголемувањето на пензиите во март и во септември, и раст на минималната плата, што повлекува раст и на другите плати, а кое ќе се изврши во март.

    Пари ги анализира буџетските податоци во последните 5 години (вклучително и проекциите за 2023 година) со цел да го открие трендот на движењето на пензиите, на прибраните пари од пензиските придонеси, но и на „пензиската дупка“, која мора да се покрие од буџетски трансфер.

    Пензии, приходи од пензиски придонеси и буџетски трансфер

    (во евра)

    ГодинаИзнос за пензииПриходи од пензиски придонесиТрансфер од Буџетот кон Фондот за ПИОМ
    2019915,8 милиони евра681,6 милиони евра457 милиони евра
    2020979,1 милион евра732,4 милиони евра508 милиони евра
    2021 1 милијарда евра777,5 милиони евра521 милион евра
    20221,1 милијарда евра868,5 милиони евра501 милион евра
    20231,2 милијарди евра981,8 милиони евра508 милиони евра

    РАСТОТ НА ИЗНОСОТ ЗА ПЕНЗИИ ГО СЛЕДИ РАСТОТ НА ПРИХОДИТЕ ОД ПРИДОНЕСИ

    Ако се погледнат бројките може да се констатира дека од 2019 година до планираниот износ за 2023 година, вкупната сума за пензии е зголемена за околу 300 милиони евра. Имено, за пензии во Буџетот за 2019 година се издвоиле речиси 916 милиони евра, а во 2023 се планирани 1,2 милијарди евра. Ист раст има и кај приходите од придонесот за пензиско осигурување – биле собрани 681,6 милиони евра во 2019 година, а во 2023 година се планира да се соберат 981,8 милиони евра, или 300 милиони евра повеќе. Сепак, бројките покажуваат зголемување на трансферот од централниот буџет до Фондот за ПИОМ. Така, во 2019 година биле потребни 457 милиони евра за крпење на пензиската дупка, а годинава се планираат 508 милиони, или 51 милион евра повеќе. Годинава пак се враќаме на трендот на зголемување на буџетскиот пензиски дефицит, откако во 2022 година имавме намалување. Сепак, и минатата година ја завршивме со благо зголемување на буџетскиот трансфер во однос на планот. Имено, се планираше тој да изнесува 491 милион евра, а изнесуваше 501 милион.

    Без државна помош, очигледно не е можно да се исплатат пензиите. Во периодот 2019 ‒ 2023 година за оваа намена се одвоиле дури 2,5 милијарди евра од државната каса. 

    ПОМАЛ ДЕЛ ОД БУЏЕТОТ ЗА СЕРВИСИРАЊЕ НА ПЕНЗИСКАТА ДУПКА

    Она што охрабрува е што се намалува учеството на буџетскиот трансфер како процент во однос на вкупните приходи во државната каса. Па така, во 2019 година, тој изнесувал 13,4 %, во 2020 година бил 15,9 %, во 2021 14,1 %, во 2022 12,5 %, а во 2023 година се планира да биде 11,3 %.

    Колку била државната помош за Фондот за ПИОМ во однос на вкупните приходи во буџетот?

    ГодинаБуџетски трансфер (во милиони евра)Вкупни приходи во буџет (во милијарди евра)Процентуално учество
    2019457 3,413,4 %
    20205083,2 15,9 %
    2021521 3,714,1 %
    2022501 4,012,5 %
    20235084,6 11,3 %

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично