Македонската берза, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и PwC започнаа заедничка иницијатива – проект, чија цел е да ги подготви домашните компании за финансирање преку пазарот на капитал, со надеж дека ќе резултира со нови иницијални јавни понуди (IPO) и издавање корпоративни обврзници.
Проектот денеска официјално беше промовиран, а повикот за учество е отворен до 1 септември. Ќе бидат избрани најмногу десет компании, кои ќе добијат стручна обука и индивидуална консултантска поддршка за да се процени нивната подготвеност за излез на Берзата.
Зголемувањето на понудата на домашниот пазар на капитал останува најголемиот развоен предизвик, нагласи извршниот директор на Македонска берза, Иван Штериев.
„На Берзата сѐ уште примарно се тргува со компании трансформирани во акционерски друштва уште од приватизацијата. Добивањето нови финансиски инструменти на страната на понудата е прашање над сите прашања“, истакна Штериев.

Според него, капитал во земјата има, но домашните компании најчесто се потпираат исклучиво на банкарските кредити.
„Македонските компании не треба да имаат само една врата до капиталот. Банкарскиот кредит е важен, но мудро е тој да не биде секогаш единствен извор. На Македонија ѝ недостигаат повеќе компании што се подготвени да привлечат капитал од различни видови инвеститори“, рече Штериев.
Тој потсети дека земјите од регионот веќе бележат сериозен напредок. Во последните пет години во Хрватска се реализирани пет ИПО во вредност поголема од 240 милиони евра, во Бугарија околу 13 јавни понуди на помали компании во износ од 30-на милиони евра, додека романскиот пазар привлекол речиси две милијарди евра.
„ИПО не е цел само за себе. ИПО треба да биде резултат од овој проект. Не сакаме компаниите да излезат на Берза затоа што некој ги убедил, туку затоа што ќе проценат дека тоа е добро за нив и дека се подготвени за тој чекор“, подвлече директорот на Македонска берза.
Штериев најави и дополнителен поттик за компаниите што ќе решат да издадат акции или обврзници:
„За компаниите што по завршувањето на овој проект ќе донесат конкретна одлука за издавање акции или обврзници на Македонска берза, веќе начелно е договорен последователен проект со ЕБОР за техничка и финансиска поддршка за реализација на ИПО“.
Одговарајќи на новинарско прашање колку време е потребно една компанија да се подготви за ИПО, Штериев оцени дека тоа зависи од нејзината организациска зрелост:
„Ако компанијата има доволна големина и сопствени финансиски и правни експерти, процесот може да трае од шест до дванаесет месеци. Ако има добар бизнис модел, но нема административна структура што може да го поддржи процесот, тогаш подготовката ќе биде подолга. Токму затоа го имаме овој проект“.
За тоа дали домашните компании се подготвени да се „соголат“, односно да станат транспарентни како што бара јавниот пазар, Штериев смета дека тоа е повеќе прашање на деловен менталитет:
„Овој прв дел од проектот треба да покаже дека ‘соголувањето’ не е априори лошо, туку може да биде многу позитивно. Нашата бизнис-заедница понекогаш го потценува ризикот од работење со мал сопствен капитал и големо банкарско задолжување“.
Исто така, во државата има многу успешни ИТ компании кои не се дел од пазарот на капиталот. Според Штиериев, ИТ-секторот е голем поттаргет на овој проект. Затоа, веќе е договорен посебен настан со МАСИТ.
„Уверен сум дека има ИТ-компании кои, ако ги искористат бенефитите од проектот, можат многу успешно да излезат на Берзата и да бидат интересни за инвеститорите“, истакна Штериев.
Од ЕБОР велат дека проектот е дел од пошироката стратегија за развој на домашниот пазар на капитал.
Претставничката на банката, Маја Толевска-Костадинова, посочи дека проектот ќе им помогне на избраните компании подобро да ги разберат можностите што ги нуди пазарното финансирање.
„Ова е прв ваков проект што го реализираме. Тој е пилот-проект и се надеваме дека ќе биде успешен и ќе овозможи негово понатамошно проширување“, рече Толевска-Костадинова.
Таа објасни дека проектот ќе се одвива во две фази – дводневна обука за сопствениците и врвниот менаџмент и индивидуална анализа на секоја компанија, која ќе опфати проценка на финансиската состојба, корпоративното управување, транспарентноста, усогласеноста со регулативата и подготвеноста за евентуално ИПО.
Драган Давитков од PwC Македонија рече дека консултантскиот тим ќе обезбеди целосна финансиска, правна и даночна експертиза, со силна поддршка од колегите од Хрватска.
„Веруваме дека ќе направиме вистински импакт во финансиската јавност. Веруваме дека ќе ги охрабриме компаниите конечно да пристапат преку пазарот на капитал до Македонската берза и се надеваме дека ќе го имаме првото ИПО“, рече Давитков.
Тој додаде дека, покрај македонските експерти, во проектот ќе бидат вклучени и специјалисти од PwC Хрватска, а по потреба и експерти од други канцеларии на мрежата PwC, „со цел да го постигнеме тој долго посакуван и најавуван ИПО на Македонската берза“.
Компаниите што ќе бидат избрани ќе добијат професионална проценка на својата подготвеност за излез на пазарот на капитал, а најголемиот дел од трошоците ќе ги покрие ЕБОР. Од компаниите ќе се бара кофинансирање од 30 до 40 проценти, при што нивниот удел нема да надмине 4.000 евра.
M.A.
Аналитика








