ПОВЕЌЕ

    Задоцнетите трансфери кон вториот пензиски столб: Прашање на законитост, институционална одговорност и заштита на пензиските заштеди

    Време зa читање: 6 минути

    Ревизорски наод што не смее да остане без одговор

    Наодите од ревизијата на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување отвораат сериозни прашања во однос на почитувањето на законските обврски поврзани со функционирањето на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

    Според ревизорскиот извештај, иако Фондот ги изготвувал пресметките и ги доставувал до надлежното министерство во законски утврдениот рок, средствата не биле трансферирани навремено кон задолжителните пензиски фондови. Во текот на 2024 година просечното доцнење изнесувало околу два месеца, додека заклучно со 27 февруари 2026 година евидентиран е долг од 2,592 милијарди денари по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва.

    Станува збор за наод кој не може да се сведе само на прашање на ликвидност или административна ефикасност. Во прашање се средства кои по закон им припаѓаат на членовите на вториот пензиски столб и треба да бидат навремено распределени на нивните индивидуални сметки.

    Институционално кратко паметење

    Во систем кој управува со пензиските заштеди на стотици илјади граѓани, најзагрижувачка е појавата на институционално заборавање. Проблем кој пред само неколку години резултираше со законски измени и построги рокови за пренос на средствата, денес повторно се појавува во уште поголем обем. Ако во 2018 година јавноста беше соочена со вест за задоцнети трансфери во износ од околу 19 милиони евра, денес ревизијата укажува на нераспределени придонеси од над 42 милиони евра. Кога истиот проблем се повторува, а износите се повеќе од двојно поголеми, веќе не станува збор за изолиран пропуст, туку за сериозно прашање на институционална одговорност, надзор и отчетност.

    Законските измени од 2018 година беа донесени токму поради ваков проблем

    Особено загрижува фактот што проблемот со ненавремените трансфери беше причина за законски интервенции уште во 2018 година, а ревизорските наоди упатуваат дека истиот системски ризик повторно се појавува неколку години подоцна.

    Имено, по претходните случаи на доцнење на трансферите кон вториот столб, законодавецот во 2018 година интервенираше со измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, воведувајќи построги правила, фиксен рок од пет работни дена за пренос на средствата кон задолжителните пензиски фондови, како и прекршочни одредби кои се однесуваат на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и на одговорните лица во Фондот.

    Во такви околности, констатацијата на Државниот завод за ревизија за просечно доцнење од околу два месеца отвора легитимно прашање дали биле почитувани законски утврдените рокови и дали биле активирани механизмите на надзор и одговорност предвидени со законот.

    Дали фискалниот притисок врз ФПИОМ придонел за доцнењата?

    По објавувањето на ревизорскиот извештај, ФПИОМ соопшти дека зголемените обврски кон Фондот за здравствено осигурување и кон вториот пензиски столб се директна последица на најголемото покачување на пензиите во историјата на државата. Според Фондот, номиналното зголемување на пензиите за околу 7.000 денари месечно за 347.000 пензионери создава дополнителен годишен расход од околу 30 милијарди денари, а со растот на пензиите закономерно растат и обврските поврзани со здравственото и пензиското осигурување.

    Неспорно е дека повисоките пензии резултираат со повисоки расходи и дополнителен притисок врз финансиската состојба на Фондот. Впрочем, Фискалниот совет уште во 2024 година предупреди дека линеарното зголемување на пензиите ќе има значителни буџетски импликации и ќе ја зголеми потребата од дополнително финансирање на пензискиот систем.

    Сепак, ваквото објаснување не го адресира суштинското прашање поставено во ревизорскиот извештај. Прашањето не е дали обврските се зголемиле, туку дали законски утврдениот рок од пет дена за пренос на средствата кон вториот пензиски столб бил почитуван.

    Токму поради претходните случаи на доцнење, законодавецот во 2018 година воведе построги правила и фиксен рок за трансфер на средствата. Оттука, фискалниот притисок може да биде објаснување за причините што довеле до состојбата, но не и одговор на прашањето дали законската обврска била исполнета навремено.

    Дополнително, останува отворено прашањето дали политиката на линеарно зголемување на пензиите, која отстапи од редовниот механизам за усогласување утврден во член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, индиректно придонела за акумулирање на обврски кон вториот пензиски столб и за повторување на проблемот што законските измени од 2018 година требаше трајно да го надминат

    Кој ги штити интересите на членовите?

    Особено значајно е што средствата на вториот столб не претставуваат општи средства на Фондот, туку средства кои по закон треба да бидат распределени на индивидуалните сметки на осигурениците во задолжителните пензиски фондови.

    Секое значително доцнење во нивниот пренос значи и одложување на нивното инвестирање, со што се отвора прашањето на проценување на евентуално изгубениот принос на членовите на фондовите поради ненавременото инвестирање на овие средства.

    Прашањето е уште позначајно ако се има предвид дека вториот столб е систем кој се темели на индивидуална сопственост на акумулираните средства и на нивно инвестирање во корист на осигурениците.

    Улогата на МАПАС

    Во оваа насока посебно внимание заслужува улогата на МАПАС како надлежен регулатор и супервизор на системот на капитално финансирано пензиско осигурување.

    Јавноста има право да знае дали биле спроведени надзорни постапки во однос на почитувањето на законскиот рок за пренос на средствата, дали биле констатирани неправилности и дали биле преземени мерки согласно законските овластувања.

    Доколку законскиот рок не бил почитуван, оправдано е прашањето дали биле разгледани и прекршочните механизми предвидени во законот.

    Одговорност и на пензиските друштва

    Во јавната дебата речиси целосно отсуствува и прашањето за улогата на пензиските друштва кои управуваат со задолжителните пензиски фондови.

    Иако тие не се носители на обврската за пренос на средствата и не можат да ја заменат улогата на ФПИОМ, тие управуваат со средствата на членовите, наплатуваат надоместоци за управување и имаат професионална должност да постапуваат во најдобар интерес на осигурениците.

    Поради тоа е легитимно да се постави прашањето дали пензиските друштва навремено ги идентификувале доцнењата, дали ги известиле надлежните институции, дали побарале регулаторна интервенција и дали ги информирале своите членови за состојбата која директно влијае врз динамиката на инвестирање на нивните средства.

    Потреба од целосна транспарентност

    Заштитата на правата на членовите на вториот столб бара целосна транспарентност во однос на причините за доцнењата, нивното времетраење, финансиските последици и активностите што ги презеле надлежните институции.

    Ова не е само прашање на финансиско управување. Станува збор за почитување на законските обврски, ефикасноста на надзорниот систем и заштитата на пензиските заштеди на стотици илјади граѓани кои довериле дел од своите идни пензиски права на системот на капитално финансирано пензиско осигурување.

    Отсуството на видлива и јавно образложена реакција од регулаторот и од пензиските друштва, како при претходните случаи на задоцнети трансфери така и денес, дополнително ја нагласува потребата од целосна транспарентност и институционална отчетност.

    Пишува: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично