
Скопје, јули 2026 – По успешната реализација на првата ПроКредит Бизнис Академија, генерација со успешно завршени 90 учесници во 2025 година, ПроКредит Банка активно се подготвува за второто издание на првата бизнис академија од ваков тип во Македонија, што започнува наесен. Едукативната програма низ која поминуваат учесниците е наменета за сопственици и управители на микро, мали и средни претпријатија кои имаат амбиција за раст, развој и унапредување на своите претприемачки вештини.

Бизнис Академијата е дел од континуираната заложба на ПроКредит Банка да биде партнер на бизнисите не само преку финансиски услуги прилагодени на нивните потреби, туку и преку нефинансиска поддршка што создава долгорочна вредност. Преку бесплатна професионална едукација, интерактивни работилници, практични алатки, консултантска поддршка и можности за вмрежување, Академијата им помага на претприемачите да ги препознаат клучните предизвици во своето работење и да изградат појасна структура за следниот чекор во развојот.
ПроКредит банките од регионот отпочнуваат со Бизнис Академија по примерот на ПроКредит Македонија
Првото издание на ПроКредит Бизнис Академијата, кое се одржа минатата година, предизвика голем интерес кај домашната бизнис-заедница и беше препознаено како значајна можност за претприемачите кои сакаат да инвестираат во знаење, организациски развој и подобро управување со својот бизнис.

Позитивните резултати, искуството на првата генерација и интересот за програмата придонесоа оваа година концептот да биде дополнително унапреден, но и проширен на регионално ниво. Покрај второто издание во Македонија, ПроКредит Бизнис Академијата годинава за првпат ќе ја организираат и ПроКредит Банка Србија и ПроКредит Банка Босна и Херцеговина, со што иницијативата прераснува во регионална платформа за поддршка на малите и средни претпријатија.
„Искуството од минатогодишната Академија ни потврди дека претприемачите имаат силна потреба од практично знаење, јасна насока и поддршка што оди подалеку од класичните банкарски услуги. Малите бизниси се двигател на локалната економија, но за да растат стабилно, потребни им се алатки, структура, финансиска писменост, продажни вештини и простор за размена на искуства. Токму затоа ПроКредит Бизнис Академијата ја гледаме како инвестиција во луѓето што секојдневно создаваат вредност, работни места и нови можности. Особено нè радува што оваа година концептот се проширува и во Србија и Босна и Херцеговина, бидејќи тоа покажува дека добрите локални иницијативи можат да прераснат во регионални приказни со вистинско влијание“, изјави Ана Николова, директор на Одделот за бизнис во ПроКредит Банка.
2. Бизнис Академија на ПроКредит Банка стартува наесен – Пријавувањето започна на 6 јули
Второто издание на Бизнис Академијата ќе се реализира веќе оваа есен. Во периодот септември – октомври 2026 година, во просториите на Управната зграда на ПроКредит Банка во Скопје, сопствениците и управителите на бизнисите од Македонија ќе работат на своите вештини кои ќе ги доведат до повеќе можности за раст и експанзија.

Програмата е составена од три практични модули, осмислени да одговорат на реалните потреби на претприемачите, односно: Продажба, Финансии и Интерно претприемништво. Секој модул ќе трае еден работен ден, а учесниците ќе имаат можност да работат преку интерактивен пристап, практични примери и дискусии со искусни предавачи и консултанти.
Низ трите модули на ПроКредит Бизнис Академијата учесниците ќе бидат водени од искусни предавачи од Alphabet Group, консултантска компанија со повеќе од осум години искуство во развој на мали и средни бизниси. Дел од програмата ќе бидат Гојко Родиќ, предавач за продажба, Александар Петровиќ, предавач за финансии, и Сандра Савановиќ-Стевановиќ, предавач за интерно претприемништво, кои преку практичен пристап ќе им помогнат на учесниците да ги унапредат своите деловни вештини и да изградат поодржлив бизнис.
Преку три внимателно креирани модули и работилници до нови знаења што водат до успешен бизнис
Преку модулот за продажба, учесниците ќе имаат можност да научат како да изградат појасен, поструктуриран и одржлив продажен процес, кој ќе им помогне полесно да дојдат до нови клиенти, подобро да ја претстават вредноста на своите производи или услуги и поефикасно да управуваат со профитабилноста. Финансискиот модул ќе им овозможи подобро разбирање на бројките што стојат зад секој успешен бизнис, со фокус на ликвидноста, готовинскиот тек, контролата на трошоците и носењето подобри деловни одлуки. Третиот модул, посветен на интерното претприемништво, ќе ги насочи учесниците кон создавање подобра организациска структура, јасна распределба на одговорности и работни навики што овозможуваат бизнисот да расте стабилно и одржливо.Покрај работилниците во живо, учесниците ќе добијат пристап и до дополнителни онлајн едукативни содржини и видео материјали преку платформата ProConnect.

Програмата вклучува и две специјализирани онлајн сесии посветени на актуелни теми од современото работење: дигитализација на бизнисот и примена на AI алатки во деловното опкружување.
Пријавете се и искористете ги придобивките на ПроКредит Бизнис Академијата
Дополнително, Академијата ќе понуди можност за вмрежување со други претприемачи, размена на искуства и пристап до експерти, ментори и консултанти. Најактивните 10% од учесниците ќе добијат можност за индивидуална менторска поддршка преку две индивидуални сесии, насочени кон решавање конкретни деловни предизвици и забрзување на растот на нивниот бизнис.

Учеството во ПроКредит Бизнис Академијата е без финансиски надомест, како дел од континуираната инвестиција на ПроКредит Банка во развојот на локалната бизнис-заедница. Сите заинтересирани претприемачи можат да аплицираат до 3 септември 2026 година. По завршување на процесот на селекција, ќе бидат избрани 90 учесници кои ќе станат дел од втората генерација на ПроКредит Бизнис Академијата во Македонија.

По завршувањето на Академијата, сите учесници ќе добијат сертификат, како потврда за успешно завршената едукативна програма.
Повеќе информации за програмата, модулите, предавачите и начинот на пријавување се достапни на официјалната веб-страница на ПроКредит Бизнис Академијата.
Аналитика








