ПОВЕЌЕ

    Од конфекција до технички текстил: Кој ја шие добивката во индустријата?

    Време зa читање: 4 минути

    Текстилната индустрија e во редот на позначајните извозно ориентирани гранки на македонската економија, иако веќе подолг период се соочува со сериозни предизвици – недостиг од работна сила, раст на трошоците за производство, притисок од азиската конкуренција и намалена побарувачка на европските пазари. Во последните години секторот постепено се трансформира, при што класичното конфекциско производство им отстапува простор на производителите на технички текстил и на компаниите што работат за автомобилската индустрија, каде што се создава значително повисока додадена вредност.

    Тие промени се пренесуваат и врз крајните ефекти од работењето. Секторот лани успеал да ги подобри финансиските резултати: со раст од 11,35 насто вкупниот приход достигнал 197,4 милиони евра, а вкупната добивка се зголемила на 11,5 милиони евра, односно за 16,29 насто. Податоците што порталот Пари ги обезбедува од Бизнис Мрежа ги опфаќаат деловните активности на 208 компании.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРИХОДИТЕ РАСТАТ, А ВОДЕЧКАТА ДЕСЕТКА СОЗДАВА НАД 84 НАСТО ОД ПРОМЕТОТ…

    Најголемите десет компании минатата година оствариле вкупен приход од 167,4 милиони евра, што претставува 84,8 насто од вкупниот приход на сите 208 компании. Тоа значи дека секторот го движат големите извозници.

    И покрај падот од 6,37 насто, Комфи-Ангел од Прилеп има убедливо највисок приход од 44,1 милион евра. Станува збор за еден од најголемите европски производители на перници, јоргани, навлаки за душеци…

    Најголемиот напредок, пак, од 41,55 насто, е постигнат кај Техникал Текстајлс од Штип. Домашната компанија специјализирана за производство на технички текстил, сегмент меѓу најбрзорастечките во индустријата, го зголемила приходот од 21,6 милиони на 30,5 милиони евра.

    Солидни движења бележат и компаниите од американската мултинационална групација Адиент. Адиент Сеатинг го зголемила приходот за 14 насто, а Адиент Аутомотиве остварила уште поизразен раст од 21,19 насто.

    Меѓу најуспешните по раст е и Иннацо МАК од прилепското Ново Лагово – прометот е повисок за над 30 насто, како и Лутекс од Велес, каде што приходот имал раст од 28,23 насто.

    Од друга страна, пад на приходите има и кај Г.С. Текстил (– 15,85 %), а Ветекс (– 0,22 %) и Фротирка-Компани (+ 0,27 %) практично се задржале на прагот достигнат со прекланската продажба.

    Што се однесува до вкупниот приход на десетте најголеми компании, тој пораснал за 11,75 насто. Воедно, процентот речиси сосем се совпаѓа со растот забележан на секторско ниво.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДЕСЕТТЕ НАЈУСПЕШНИ КОМПАНИИ ОСТВАРИЛЕ НАД 85 НАСТО ОД ВКУПНАТА ДОБИВКА

    Заедничката добивка на десетте најпрофитабилни текстилни компании за 2025 година е во износ од 9,8 милиони евра. Во вкупната маса зафаќаат дури 85,2 насто.

    И меѓу најдобрите има најдобар – Техникал Текстајлс самостојно реализирал 6,2 милиони евра, што е повеќе од половина од вкупната добивка. Споредено со претходната 2024 година, профитот е зголемен за 47 насто.

    Една по друга одат компаниите Адиент – Сеатинг и Аутомотиве, со по 1,1 милион евра. Притоа, и двете бележат раст на профитабилноста од околу 40 насто.

    Овие три компании заедно создаваат повеќе од 8 милиони евра добивка, односно околу 73 насто од секторското остварување.

    Најголемиот негативен пресврт го бележи Комфи-Ангел. Иако е најголема компанија според приходот, добивката ѝ е намалена од 1,9 милиони евра на само 353 илјади евра, што претставува пад од над 81 насто.

    Позитивна промена, пак, бележи Рур4Медикал. По прекланската загуба (226,9 илјади евра) лани успева да оствари добивка од 205,5 илјади евра. Таки-Текс го бележи најголемиот процентуален раст на профитот (+ 1.253,39 %) – повеќе од дванаесет пати во споредба со претходната година, иако од релативно ниска основа.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Финансиските резултати потврдуваат дека токму компаниите што инвестираат во автоматизација, специјализирани производи и извоз успеваат да се справат со предизвиците што, пред сѐ, доаѓаат од европските економии.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично