Македонија започнува со имплементација на нов Национален едношалтерски систем преку кој компаниите на едно место ќе ги добиваат сите дозволи и одобренија за увоз, извоз и транзит на стоки од 15 државни институции. Проектот, кој Владата го оценува како една од најголемите дигитални реформи во надворешната трговија, треба целосно да го замени сегашниот систем и да ги дигитализира процедурите до крајот на 2027 година.
На седницата на Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем беше потврдено успешното завршување на тендерската постапка и потпишувањето на договорот со избраниот конзорциум, кој ќе го развие и имплементира новото софтверско решение.
Владиниот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека започнува имплементацијата на системот.
„Започнуваме со најкрупната реформа – имплементација на новиот Национален едношалтерски систем. Од една точка ќе се даваат услуги од 15 институции за поефикасни постапки за увоз, извоз и транзит на стока“, објави Николоски.
Тој посочи дека новиот систем претставува значаен чекор во дигитализацијата на државната администрација и олеснувањето на работата на компаниите.
„Националниот едношалтерски систем претставува еден од најзначајните проекти за дигитализација и модернизација на постапките со увозот, извозот и транзитот на стоки. Неговата цел е да обезбеди единствена електронска платформа преку која компаниите ќе можат побрзо и поефикасно да ги спроведуваат законските постапки поврзани со надворешната трговија“, истакна Николоски.
Според потпишаниот договор, избраниот конзорциум има рок до крајот на 2027 година да го стави системот во целосна функција. Со неговото воведување, сите барања за дозволи за увоз, извоз и транзит, како и плаќањата поврзани со тие постапки, ќе се реализираат електронски преку единствена платформа.
Целта на реформата е да се поедностават административните процедури, да се забрза издавањето дозволи, да се овозможи автоматска размена на податоци меѓу институциите и да се подобри координацијата во управувањето со надворешната трговија.
Македонија го реализира проектот како дел од регионалната иницијатива за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан. Националниот едношалтерски систем ќе го замени постојниот систем за управување со дозволите за увоз, извоз и транзит и треба да донесе побрзи постапки, помал административен товар за стопанството и поголема ефикасност во работата на институциите.
Аналитика








