Стотина работнички во хала наведнати над машините за шиење е првата асоцијација за текстилната индустрија која, заедно со кожарството, со децении важи за дејност што бара многу работа за малку пари. Има ли промени во третманот на трудот што можат да ја осуетат вистинитоста на ваквата претстава?
Текстилната индустрија лани заработила повеќе, остварила повисок профит и ги зголемила платите со двоцифрено темпо. Бројот на вработени речиси не се променил, а најголемите работодавачи остануваат автомобилските добавувачи Адиент и прилепски Комфи Ангел. Во исто време, листата на највисоки плати открива и неколку несекојдневни примери, каде што просеците достигнуваат и до 2.700 евра месечно.
Во секторот лани работеле 5.635 лица, односно 35 повеќе отколку една година претходно. На процентуално ниво тоа се скромни плус 0,63 насто. Просечната нето-плата во дејноста достигнала 26.528 денари, што е за 13,1 насто повеќе од 2024 година, кога изнесувала 23.455 денари. Тоа значи дека просечната плата пораснала за повеќе од 3.000 денари. Дали разликата го подобрила квалитетот на работничкиот живот, е друго прашање.
Податоците се однесуваат на 208 компании од текстилната индустрија, преземени се од базата на Бизнис Мрежа, а анализата на Пари е фокусирана на најголемите 10 работодавачи и на десетте највисоки просечни плати исплатени во секторот.

Извор: Бизнис Мрежа
ШЕСТ ОД ДЕСЕТ ТЕКСТИЛЦИ РАБОТАТ КАЈ ТРОЈЦА РАБОТОДАВАЧИ
Листата на најголемите работодавачи убедливо ја предводат компаниите од автомобилската индустрија: Адиент Сеатинг од Штип со 1.458 вработени (+ 1,67 %) и Адиент Аутомотиве од Струмица со 1.144 работници (+ 4,19 %).
Минималното намалување од 0,61 отсто или за петмина вработени не го поместило од третата позиција прилепскиот Комфи-Ангел. Таму лани имало ангажман за 812 лица.
Само овие три компании заедно имаат 3.414 вработени. Или, кај нив живеачката ја обезбедуваат повеќе од 60 отсто вработените во споменатите 208 текстилни компании.
Другите текстилци од топ 10 листата бележат различни движења во овој сегмент. Најголем прилив на работна сила е забележан во Староон Европа. Во текот на минатата година биле реализирани 45 нови вработувања (+ 67,16 %) и колективот се зголемил од 67 на 112 лица.
Значително зголемување има и Техникал Текстајлс од Штип – за 22,38 насто, додека најголем пад е евидентиран во Иннацо МАК од Прилеп, каде што бројноста е намалена за 6,4 отсто.
Десетте најголеми работодавачи вработуваат 4.505 лица, а тоа е околу 80 отсто од ангажираните во секторот.

Извор: Бизнис Мрежа
Сите тие лани работеле за просечни плати од 23.824 денари (+ 33,60 %) колку што биле исплатувани во Староон Европа до 47.605 денари (+ 12,04 %) во Комфи-Ангел. Над 40 илјади е просекот уште кај три компании: Адиент Аутомотиве – 46.187 денари (+ 25,50 %), Адиент Сеатинг – 45.291 денар (+ 17,29 %) и Техникал Текстајлс – 43.952 денари (+ 7,75 %).
Од конфекција до технички текстил: Кој ја шие добивката во индустријата?
ЕДЕН ТЕКСТИЛЕЦ НА ПЛАТНИОТ СПИСОК И ПЛАТА ОД 164.849 ДЕНАРИ
Се занимава со подготовка и предење текстилни влакна и има просечна плата од 2.700 евра. Апсолутен рекордер меѓу текстилците е Гифти Текс од Прилеп, не само со просекот, туку и со годишниот раст од речиси 670 насто. Сепак, лани официјално имала само еден вработен, а преклани 21, што значително влијае врз просечната пресметка. Воедно, приходите се намалени за 67,2 отсто на 98,9 илјади евра, а добивката изнесувала околу 1.100 евра. Инаку, ова е компанијата што во Ковид-пандемијата се вклучи во доброволното производство и донирање заштитни маски.
Слично е и кај дел од останатите компании со највисоки плати, како Церада, Ди Мано Дизајн и Фролинг, кои имаат само еден, двајца или петмина вработени. Поради малиот број вработени, кај нивото на просечната плата се можни големи отстапувања.
Во друштвото на најдобро платените се и четири компании – најголеми работодавачи: Комфи-Ангел, Адиент Аутомотиве, Адиент Сеатинг и Техникал Текстајлс, кои истовремено обезбедуваат и можност за работи и за натпросечна заработка.

Извор: Бизнис Мрежа
Иглата и конецот денес носат повеќе отколку пред една година, но не шијат ист џеб за сите. Некои компании веќе исплаќаат плати што до неодамна беа незамисливи за текстилната индустрија, додека за најголемиот дел од работниците борбата за подобар стандард и натаму продолжува.
Маја Анастасова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








