ПОВЕЌЕ

    ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ СЕ ПРЕГОВАРАШЕ ДО РАНО НАУТРО за автономните роботи-убијци, не се донесе правно обврзувачка забрана

    Време зa читање: 3 минути

    Разговорите во ОН за регулирање на оружјето со мал или никаков човечки надзор завршија денес со ветување за понатамошни дискусии со цел да се развијат нови правила во рок од две години. Овој исход, сепак, е ослабен поради противењето на неколку земји, меѓу кои и Русија и претставува разочарување за групите за човекови права.

    Сè поголема загриженост предизвикува употребата на смртоносни автономни системи за оружје (LAWS) – понекогаш нарекувани „роботи-убијци“ – кои можат да идентификуваат и напаѓаат цели со различен степен на автономност. Застапниците повикаа на воведување правно обврзувачки правила во краток временски рок, со кои би се регулирале автономните оружени системи способни сами да идентификуваат и напаѓаат цели

    Околу 100 земји го поддржаа овој став, но големите држави производители на оружје, како САД, Русија и Израел, не беа спремни да прифатат ограничувања, односно се спротивставија. Како резултат на тоа, беше постигнат значително „разводнет“ договор, во кој остана отворено прашањето дали идните мерки воопшто ќе бидат правно обврзувачки.

    Земјите-членки на Конвенцијата за одредени конвенционални видови оружје заседаваа во Женева уште од понеделникот, во услови на зголемена загриженост поради тоа што оружјето, потпомогнато од вештачка интелигенција, веќе е употребено во Украина, Судан, геноцидот во Газа и на Блискиот Исток, и покрај етичките загрижености. Генералниот секретар на ОН, Папата и Црвениот крст повикаа на воведување строги и правно обврзувачки правила.

    Швајцарскиот претседавач со состанокот, Жилиен Тони, го поздрави договорот како значајно достигнување за хуманитарното разоружување, постигнато по повеќе од 10 години преговори. „Ова покажува дека дури и во денешниот длабоко поделен свет, мултилатералната дипломатија сепак може да донесе конкретни резултати“, изјави тој пред новинарите со зарипнат глас, откако разговорите завршија дури по 4 часот наутро.

    Договорот отвора пат за развој на правила што го регулираат оружјето што може да избира и да ги напаѓа целите без директна човечка интервенција, бидејќи вештачката интелигенција сè повеќе го трансформира војувањето.

    Според дипломатите, преговарачите поминале часови во расправии околу неколку зборови, откако руските приговори на процедуралните правила доведоа до откажување на некои од официјалните состаноци.

    Многу групи за човекови права го критикуваа исходот, истакнувајќи дека тоа значи оти технологијата сега има шанса да ја претрка дипломатијата. Коалицијата „Стоп на роботите убијци“ (SKR) ја опиша одлуката како „разводнет мандат“ кој не успеа да воспостави јасен пат кон правно обврзувачки договор.

    „Одложувањето на создавањето правно обврзувачки инструмент ги изложува на ризик цивилите и човештвото“, изјави Никол ван Ројен, извршна директорка на организацијата СКР на маргините на разговорите. „Технологијата за автономно оружје, вклучително и вештачката интелигенција во циклусот на таргетирање, се распоредува на бојното поле“, додаде ван Ројен.

    Верити Којл, заменик-директор за оружје во „Хјуман рајтс воч“, исто така го критикуваше исходот како „разочарувачки“. „Тој не обезбедува итна акција потребна за да се договорат нови правила – но технологијата напредува“, рече таа.

    Некои набљудувачи и поранешни воени претставници велат дека државите треба да бидат подготвени да разгледаат нов процес, надвор од сегашната рамка на ОН, која бара согласност од сите 128 држави-членки.

    (Фото: International Committee of the Red Cross)

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично