ПОВЕЌЕ

    Од 38 до 4.000 евра: Неверојатни разлики во платите на македонските нафтени компании

    Време зa читање: 4 минути

    Дали „црното злато“ е поим за благосостојба што се одразува и на вработените во македонските нафтени компании? Анализата на Пари покажува дека во секторот каде што приходите се намалени за повеќе од 11 насто, платите сепак продолжуваат да растат. Но, зад просеците се кријат огромни разлики – од плати од речиси 4.000 евра месечно до официјално пријавени само 38 евра.

    Во изминатиот едногодишен период во секторот се затвориле 13 работни позиции, а ангажман имало за 993 лица. Просечната плата се зголемила за 4,37 насто и достигнала 38.613 денари или околу 630 евра. Податоците се од Бизнис Мрежа.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДЕСЕТ РАБОТОДАВАЧИ – 806 ВРАБОТЕНИ

    Кај десетте најголеми работодавачи егзистенцијата ја обезбедуваат 81 насто од вработените во дејноста на нафтата и нафтените деривати, или 806 лица. Притоа, без оглед на поединечните флуктуации, кај бројот на вработените нема никаква промена, толку биле и во 2024 година.

    Најголем работодавач е Окта со 244 вработени, иако бројот на работници е намален за 16, односно за 6,15 насто. Ја следи Црна Река Петрол од Кавадарци со 190 вработени и благ раст од 2,7 насто, додека Пуцко Петрол ја задржал истата бројка од 169 вработени.

    Поголемо намалување на кадарот има кај Супертрејд, каде што бројот на вработени опаднал од 90 на 79 лица, односно за 12,22 насто.

    НАФТЕН БИЗНИС: Прометот намален, а добивките зголемени

    Уште една кавадаречка фирма е на оваа листа и е сопственик на процентуалниот рекорд од 1.300 насто. ЛИ-Оил ДБ во 2024 година имала само 1 вработен, а лани колективот се зголемил на 14 лица. Освен тоа, компанијата е носител и на уште еден, но неславен рекорд. Пријавена е официјална просечна плата од 2.356 денари, односно 38 евра!? Иако според законот работодавачот не смее да исплати плата под нивото на минималната, во случајот има годишна промена од минус 92,77 насто. Во 2024 година просечната плата била 32.575 денари. И, уште нешто: оваа компанија ја заокружила 2025 година со приход од 7,8 милиони евра (– 5,64 %) и со добивка од 152,7 илјади евра (+ 146,42 %).

    Што се однесува до месечните примања кај најголемите работодавачи, тие се движат до 1.100 евра. Конкретно, највисокиот просек од 67.908 денари е исплатен во Супертрејд.

    Над 60 илјади денари се просечните плати и во Екс Фис Македонија од Мралино (66.457) и во Хиб Петрол Груп (61.443).

    Извор: Бизнис Мрежа

    ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА ПЛАТА ИСПЛАЌААТ ВО…

    Непотребно е да се нагласува дека највисокиот просек на месечните примања е привилегија за малкумина – најчесто за таканаречените „човек-фирми“. Исто така, кога ќе се дојде до топ 10-те просечни плати, листата речиси воопшто не се совпаѓа со тие за приход, добивка и вработени. На пример, овде состојбата е и подобра – се повторуваат компаниите: Омпетрол Оил од Петровец, Супертрејд од Скопје и Екс Фис Македонија од Мралино. Инаку, три од компаниите се со по 1 вработен, а кај други три тимовите се двоцифрени – 13, 15 и 79 вработени лица.

    Основана е во април лани и веднаш се пробила на врвот – на тројцата вработени во скопска Фрада од Скопје им била исплаќана просечна плата од по 242.831 денар. Секој месец по речиси 4 илјади евра.

    РКМ и ЕХМ Гроуп имаат по 1 вработен, а платите се околу 2.300 и 1.900 евра. Кај првата фирма е регистрирано и најголемото годишно движење од 126,25 насто. Пацифик Петролеум, пак, речиси го удвоил просекот со раст од 117,48 насто. Компанијата работи со 13 лица, а просечната плата достигна праг од 1.200 евра.

    Од аспект и на големината на колективот (79) и на просечната плата од 1.100 евра се истакнува Супертрејд. За една година е остварено зголемување од 29,37 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Нафтениот сектор создава профит, но сегментот на платите ги покажува двете лица на бизнисот. Некаде се обезбедени европски примања, а некаде дури и официјално е евидентирана плата пониска дури и од една дневница.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично